Во градинката за која зборува цел свет децата учат да играат шах, цртање, аикидо, танцуваат и учат различни странски јазици.
Се чини како детската градинка „Сад-град“ да излегла од бајка и се наоѓа во Красногорск, град во близина на руската престолнина. Дел од необичната палата се замоците и кулите со ликови од бајките, самовили и џуџиња. Во детската градинка децата играат, учат, сликаат, танцуваат.
Дизајнерот на градинката се погрижил и за најмалите детали. На скалите се наоѓаат посебни детски огради, шкавчињата се направени во форма на куќарки со многу играчки. Во градинката има театар со големо фоаје, гардероба, голема сцена и акустична сала со професионално осветлување. Според педагозите, ова влијае врз развојот на способностите и талентите кај децата.
Во посебни простории „живеат“ ликовите од бајките: самовили, џуџиња... Има и преубави, разнобојни цвеќиња и цепелин со вистински прозорци. Нив ги нацртале децата, а сликарите и декораторите ги преточиле во реалност. Имаат креативни работилници, а во дворот на градинката има парк со различни планини, куќички, лизгалки, лулашки...
Особено внимание се посветува не само на развојот на децата туку и на нивното здравје. Во градинката се вработени логопеди, психолози, па дури и масери. Имаат свој готвач кој приготвува јадења за секое дете посебно. Не се запоставени ниту родителите. Тие своите деца можат да ги почекаат во пријатното кафуле и тука можат да се информираат како нивното дете се вклопило во новата средина и како напредува во стекнувањето нови знаења и вештини.
Интересно е тоа што престојувањето на детето во оваа градинка не е прескапо. Главните трошоци ги презема компанијата одговорна за изградба на градинката, така што родителите ги чини толку колку што би платиле за дадилка во нивниот дом.
Велат дека децата што одат во оваа
градинка уживаат толку многу што речиси не сакаат да си одат во своите домови, ниту да се разделат од своите воспитувачи.