„Светот на Биби“ почнува да ги освојува надворешните пазари. Од оваа недела и официјално
британскиот дистрибутер „Видеоплагер“ го стави македонскиот анимиран серијал во
своето портфолио. „Видеоплагер“ го има ексклузивното право за дистрибуција на анимираната серија на европските и светски пазари. Листата со клиенти со кои соработува оваа британска компанија е
голема, дел од нивните содржини се емитуваат на најголемите национални европски телевизии (РТЛ, ББС, РАИ, СВТ, ЦБС...) како и на најпознатите стриминг-платформи „Нетфликс“ и „Ејч-би-о“.
- „Светот на Биби“ е најновото дополнување на нашето портфолио од македонската аудио-визуелна индустрија која континуирано расте. Забавната 2Д-анимирана серија секогаш, меѓу редови, испраќа интелигентни и едукативни пораки. „Светот на Биби“ со сигурност ќе ги привлече и радиодифузерите (телевизиските куќи) и стриминг-платформите со својата едукативна и забавна вредност - изјави Емануел Галони, директорот на „Видеоплагер“.
Откако продукцијата излезе на регионалните пазари во Албанија и Србија, со потпишувањето на овој договор, од продукцијата очекуваат и пошироката јавност да го запознае овој македонски анимиран серијал.
- „Светот на Биби“ е анимиран серијал кој се работи според светски стандарди, иако е целосно македонски производ. Едукативниот карактер и вредностите што се промовираат во овој серијал ги исполнуваат барањата на европските телевизиски куќи. Децата од регионот веќе ги запознаваат ликовите преку содржините на српски и албански јазик. Се надеваме дека и европските гледачи ќе се вљубат во Биби, Боби и нивната дружина. „Видеоплагер“ е вистинскиот партнер во овој процес, особено со оглед на неговиот досегашен успех во дистрибуцијата на содржини за деца од регионот и од Македонија. По македонската, време е и европската и светска публика да се придружи во најпрекрасниот свет – Светот на Биби! - велат од продукцијата.
„Светот на Биби“ досега успешно се претстави на неколку фестивали и саеми во Франција и Финска каде што доби
највисоки оцени како за анимираната серија така и за сеопфатноста на проектот преку
понуда на едукативни изданија, книги и играчки.