Започнавме спонтано, на половина пат сакавме и да се откажеме, но за нецела година имаме 8 милиони прегледи на „Јутјуб“, велат продуцентите на проектот „Светот на Биби“, кои синоќа учествуваа на 35. „Бизнис-кафе“ што се одржа во кафулето „Амбрела“ во Скопје. Од идеја до реализација, низ кои сѐ предизвици пoминале, им раскажаа на присутните.
- Почнавме спонтано со оваа приказна. Порталот Факултети.мк го работиме девет години. По неколку години се роди идејата за Деца.мк, кој би бил наменет за родители и за деца. Ни требаше лого и прво помисливме да ставиме некое животинче карактеристично за нашето поднебје - рисче, пастрмче. Преоден момент беше кога му се обративме на Михајло Димитриевски - Тхе Мичо и го замоливме да ни нацрта детски женски лик. Благодарение на тимот и на нашите деца, го избравме вистинскиот лик. Тогаш направивме Биби малку да се движи (30 секунди) како реклама за порталот и веднаш ни стана јасно колку е комплицирано да се направи анимација. За среќа, тогаш го запознавме и Гоце Цветановски, нашиот режисер, и тргна работата - вели Марјан Алексовски, директор на „Еф-Три“.
Стојче Ѓорѓиев се осврна на моментот дека денес не е лесно да се најде добар тим, особено во делот на аниматорите.
- Ако имате добра визија и ако им пристапите на луѓето искрено, тогаш ќе има успех. Нашата визија е Македонија да ја знаат по Биби, а тоа ќе биде за едно пет години. Имаме голема самодоверба и, само здравје, ќе успееме! – истакна Ѓорѓиев.
На прашањето дали има интерес за соработка кај македонските компании, тој рече дека има и дека е голем, меѓутоа, дека сакаат Биби да биде едукативен бренд, а не да влезе во комерцијални цели.
- Доколку некоја компанија има искрени намери како нашата, се разбира дека можеме да соработуваме - вели Ѓорѓиев.
Гостите се осврнаа и на големиот успех и учествата на меѓународните саеми за анимации за деца, каде што „Светот на Биби“ имаше одличен успех. Такво беше промовирањето на саемот во Тулуз, Франција.
- Саемите ни беа големо искуство. Секаде ни се чудеа дека државата не ни помага во реализација на еден ваков проект. И нашите најважни адути беа тоа што ние отидовме со многу готови производи, а не само со идеја да направиме нешто. Дознавме дека во Финска има фонд и за странци и обезбедува услови за работа. За разлика од таму, во Македонија не е така. На пример, кога ја направивме првата епизода „Азбуката на Биби“ и баравме телевизија каде да ја прикажеме, тамам сè беше договорено, ни побараа процент од заработувачка. Тогаш сфативме дека „Јутјуб“ е најдобра идеја и не згрешивме - вели Алексовски.
Искуството стекнато со работата на Факултети.мк помогна и во успешната реализација на „Светот на Биби“, истакна Жарко Стојановски.
- Клучен момент беше и почетната содржина што треба да се пласира. Сфативме дека од Биби децата можат да научат многу, затоа и почнавме со азбуката. Токму првичните позитивни реакции на децата и несомнено гласот на Биби, односно Слаѓана, беа пресудни да знаеме дека не сме згрешиле во процената - рече Стојановски.
Тие истакнаа дека во моментов се преговара со партнери од регионот. Најнова содржина од „Светот на Биби“ е книгата „Моите омилени места“, во која Биби патува низ Македонија. Тоа ќе биде издание за целото семејство и се надеваме дека ќе им даде идеја на родителите каде да одат во викенд.
Кирил Барбареев
На настанот се обрати и проф. д-р Кирил Барбареев, кој е координатор на образовната програма „Бибиверзум“. Тој истакна дека со оваа програма ќе се обидат да покажат еден модерен образовен систем, каков што имаат богатите земји.
- Едукативен центар кој е неформален концепт на воспитание и образование. Станува збор за сериозна образовна платформа која, ако ја анализирате, не се разликува по ништо од она што се случува во најдобрите образовни системи. Ние ќе се обидеме во овие два месеца, во оваа пилот-фаза да работиме на теми, содржини и по начинот на кој се работи во најдобрите образовни системи. Финска направи клучна реформа - идентични услови за сите деца во една држава, а тоа значи идентични услови за детето и во Центар и на Шар Планина. Затоа што не знаете каде ќе се роди идниот гениј по кој било предмет. Државата треба да инвестира во услови и во кадарот што работи со децата. Тоа се двата клучни моменти.
Слаѓана Вујошевиќ
Актерката Слаѓана Вујошевиќ ги израдува децата во публиката. Таа призна дека во 10-годишната кариера ова ѝ е омилен проект затоа што ѝ било предизвик само со гласот да допре до детската публика.
- Магично е да се биде Биби. Најблагородна работа е да се направат децата среќни. Имав голема трема кога се нафатив на проектот. Работата е многу тимска и сите многу се надополнуваме.