X
 04.03.2026 Живот

Припадниците на генерацијата З си ги носат родителите на интервјуа за работа

Иако генерацијата З веќе подолго време се опишува како малку неконвенционална на работното место, меѓу помладите кандидати се појави нов тренд - на разговор за работа доаѓаат со своите родители. Откако веќе се отворија дебати за вклучување на родителите во службената комуникација, сега сличен образец се појавува и во процесот на вработување.

Според истражување на компанијата „Зети“ спроведено на околу 1.000 припадници на генерацијата З, дури 20 отсто од испитаниците изјавиле дека на интервјуа за работа оделе со нивните родители, 15 отсто лично, а 5 отсто онлајн. Но, вклученоста на родителите не завршува само со разговорот. Истражувањето покажало дека 44 отсто од младите имале помош од родителите при пишување или уредување на CV, а секој петти рекол дека родител контактирал потенцијален работодавец во нивно име.

Дури и по вработувањето, 28 отсто од испитаниците навеле дека родителите им помогнале при преговарање за плата или дополнителни погодности, додека 32 отсто рекле дека родителите најмногу влијаеле врз нивните кариерни одлуки.

Дру Пауерс, основач на „Пауерс фајненшл груп“, смета дека дел од овие резултати не се невообичаени.

- Секако дека родител може да помогне при пишување CV, да даде совет за преговарање за плата и дополнителни погодности или да влијае врз изборот на кариера. Тоа е нормална и очекувана улога на родител - вели тој.

Сепак, додава дека директното контактирање на работодавците, преговарање за плата во име на детето или присуство на разговорот е преминување на границата. Слично мислење има и Алек Бин, предавач по финансиска писменост на Универзитетот „Тенеси“ во Мартин.

Кандидатите што доаѓаат со родителите се доживуваат како премногу зависни

- Некои припадници на генерацијата З сметаат дека вклученоста на родителите е важна и јас секако би препорачал да ги слушаат советите на родители и ментори со искуство во вработувањето. Но постојат граници на таквиот ангажман, а нивното преминување речиси секогаш завршува лошо за кандидатот - истакнува Бин.

Тој додава дека кандидатите што доаѓаат со родителите се доживуваат како премногу зависни, што може да предизвика сомнеж во нивната способност за самостојна работа.

Како една од причините за оваа појава се наведува недовербата меѓу работниците и корпорациите.

- Иако тоа не е широко распространета појава, некои кандидати од генерацијата З се потпираат на поддршката од родителите при презентацијата, тонот, па дури и во одговорите - изјавил Кевин Томпсон, извршен директор на „9и капитал груп“.

Експертите предупредуваат дека ваквиот пристап може да има долгорочни последици. Консултантот за човечки ресурси Брајан Дрискол вели дека постои ризик младите луѓе никогаш да не ги развијат вештините за самозастапување на работното место, што е клучно кога бараат покачување или се спротивставуваат на лошо раководство.

- Сакате предност на пазарот на труд? Научете ги своите права, верувајте дека вредите и изградете колективна сила со колегите. Тоа ќе направи многу повеќе за вашата кариера отколку мајка ви да седи на разговорот - порачува тој.

Извор: BIZLife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот