X
 04.04.2017 Култура

Влијателни жени кои оставиле печат врз светската историја

Иако низ вековите моќта им се припишувала на мажите, жените отсекогаш ја претставувале интересната страна на историјата.

Некои од нив оставиле силен печат во времето во кое живееле, а кое до денес има влијание врз светските текови.

Клеопатра – интелектот пред убавината

Не е тајна дека Клеопатра ги сакала мажите кои биле на високи позиции, па станала жена на двата најголеми моќници во тоа време. Освен лошиот глас што ја следел, таа била многу образована, говорела дури девет јазици, а поседувала знаења од филозофија, геометрија, музика како и вештини за заведување кои ги користела како политичко оружје.
Заради неа избила граѓанска војна откако се обидела да ја украде власта од својот брат, за кого била омажена и  успеала во таа намера со помош на еден од најголемите императори на тоа време  ̶  Јулиј Цезар. Имала многу непријатели но не дозволувала никому да ѝ застане на патот. Се верува дека го убила својот брат за да го прогласи својот син за ковладетел.
Поголемиот број на политички и воени конфликти ги разрешувал нејзиниот љубовник, големиот војсководец, Марко Антониј, кој повеќе бил одушевен од нејзиниот интелект отколку од нејзината убавина. Вештините на заведување ги научила од александриските конкубини кои ги вежбала врз млади робови, но двете најголеми тајни на тоа освојување биле учењето, за кое била незаситна и беспрекорниот изглед на нејзиното тело кое го одржувала со користење на козјо млеко,етерични масла и со врвни парфеми.

Хурем – од робинка до султанка

Александра Лисовска, Рокселана, или како што ја знае целиот свет, султанката Хурем.
Луѓето ја сметале за заводлива вештерка која секогаш го добивала она што го сакала, не плашејќи се од никого. Била првата жена која го поминала патот од робинка до сопруга на султанот, покрај триста други девојки со кои била во харемот.
Со темелни подготовки го освоила срцето на султанот, станала негова советничка и вечна сопатничка  и миленичка која успевала од сенка, преку вешто убедување да влијае врз владетелот да ја протера својата прва жена, а личната сигурност на дворот ја обезбедила со раѓање на син – наследник на султанот.
Сликарите, поетите и книжевниците, секој на свој начин, ја опишувале како страсна, позитивна, црвенокоса убавица, со нагласени облини, кои предизвикувале воздишки не само кај султанот Сулејман, туку насекаде каде што се појавувала. Колку нејзината убавина ги привлекувала луѓето, толку им предизвикувала и страв во коски, па затоа и не уживала љубов од граѓаните, кои сепак ја почитувале. Она што всушност го маѓепсало султанот била нејзината страст, топлина, гордоста и дрскоста во нејзините очи при секој поглед.

Теодора – куртизана на тронот

Таа донела  многу закони кои го измениле животот на жените од тоа време, била многу влијателна и без нејзино одобрување не смеело ништо да се направи, и како што забележува историјата и самата можела да биде владетелка, но избрала да биде влијателна сопруга на големиот цар.
Теодора стигнала на позицијата царица на Источното римско царство менувајќи повеќе професии: најпрво била глумица, потоа танчарка, за набрзо, благодарение на својата несекојдневна убавина, да стане скапа куртизана на приватните забави на богаташите.
Нејзината убавина ја забележал и царот Јустинијан кој маѓепсан од младата танчарка, донел закон кој дозволувал бракови меѓу различните сталеж за да може да се венча со неа. За возврат, Теодора отфрлајќи го најстариот занает на светот со кој се занимавала, станала една од најмоќните жени на светот.
Освен убавината со која го освоила срцето на царот Јустинијан, со својата храброст и одважност во владеењето, Теодора уживала доверба и обожавање од страна на сите општествени слоеви во царството.

Мерилин Монро – најпосакуваната жена на Холивуд

На жените кои тежнеат да бидат еднакви со мажите, им недостига амбиција – е најпознатата изрека на најпосакуваната жена во Холивуд, Мерилин Монро.
Желбата за успех и големите амбиции секогаш ѝ биле на прво место, а доказ за тоа се и трите неуспешни бракови кои ги имала зад себе и кои ги сметала за препрека во развојот на нејзината кариера.
Добивала разни етикети, од кревка девојка која несреќно се заљубувала до блудница која одела со главата во ѕид на патот до врвот. Самопочитта и самодовербата со која ги освојувала машките срца ги надополнувала со своите „заштитни знаци“ како црвениот кармин и ајлајнерот, кои ги користела како основни орудија за заведување.  Иако нејзината актерска кариера не траела долго, Мерилин засекогаш останала во колективното сеќавање како една од најсексапилните и најубавите жени во 20. век.
Својата кариера таа ја градела главно на познанствата со влијателни луѓе од тоа време. Јавноста знаела дека таа секогаш тежнее кон повисоки цели и сакала покрај себе да има некого подеднакво силен и моќен, каква што се сметала самата себеси. Најголемите заслуги за нејзините филмови се припишуваат на американскиот претседател Џон Кенеди и нејзината љубов кон него, од која никогаш не се излекувала докрај.

Тие немале свои желби, туку свои цели!


Тие на цел свет им покажале дека откажувањето никогаш не било опција за нив, дека секогаш сметале дека апсолутно сè е можно и дека амбицијата им била нивна ѕвезда водилка.
Можеби физички биле инфериорни во однос на мажите, самите се бореле за своите права и општествени позиции, но секако дека биле едни од најпосакуваните жени на светот на кои многумина им завидувале. Тие биле жени, мајки, љубовници, имале разни титули и етикети кои им се припишувале, но во секој случај биле жени кои предизвикувале почит и за кои се зборувало...
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура