X
 17.01.2018 Култура

Роза Луксембург: „Бев, сум и ќе бидам!“


Роза Луксембург
(Фото: International Institute for Social History, Amster)


Ако постои некоја личност во историјата на револуциите што толку многу нè задолжила со својата длабочина, острина, остроумност, речиси терапевтско застапување на бескомпромисната борбеност, но и со посебен вид нежност во својата теорија, политика, активизам, приватни односи и оригинална личност, тогаш без двоумење тоа е Роза Луксембург.

Таа е авторка која посебно го оцртува, со нејзини зборови кажано, „светот на неограничени можности“ и тоа мото буквално го живеела и во теоријата и во практиката. За тоа сведочат нејзините многубројни политички памфлети, есеи, написи, анализи, книги, но и опсежната приватна кореспонденција преку која се запознаваме со нејзината личност, но и со неверојатната широчина на нејзините интереси – книжевни, теоретски, природонаучни, политички, ликовни.

Роза Луксембург е една од најважните и најкреативните социјалистички писателки и марксистки воопшто – и е најважната авторка во женскиот дел од теоретскиот свет кој се занимава со радикалната социјална филозофија, политичка теорија и критиката на политичката економија. Докторирала во 1897 година во Цирих на тема за индустрискиот развој на Полска, а тезата ја објавила следната година во Лајпциг. Работата да биде уште поопскурна, и покрај фактот дека за Полјаците, Роза Луксембург денес воопшто не постои, тешко дека можеме да говориме за некој текст кој нуди подобри основи за проучување на историјата на Полска и нејзиниот економски развој. Таа во Полска е избришана, игнорирана, премолчувана, како што тоа го наложуваат веќе вградените патишта на ревизионизмот.

Нејзиниот труд вклучува извонредни анализи за капиталистичката акумулација и односите помеѓу капиталистичките и некапиталистичките просторности, пишувала и за колонијализмот и империјализмот, потоа многубројни текстови за нераскинливиот однос меѓу демократијата и социјализмот, критики на ревизионизмот, националните прашања, проблемите на политичка организација и аспектот на „спонтаност“ и само неколку текстови за таканаречените „женски прашања“.

Роза Луксембург е родена во Замошч, Полска, на 5 март 1871 година, ни повеќе ни помалку туку во годината на Париската комуна. Револуционерката била член на социјалдемократските партии на Полска и Германија, на Комунистичката партија на Германија и основач на Спартаковиот Сојуз. Во пресрет на крвавите јануарски борби во текот на неделата на Спартак по улиците на Берлин, била убиена на 15 јануари 1919 година. Членовите на германската социјалдемократска партија на чело со Фридрих Еберт и со помош на нивната шпионска централа наречена „Секција 14“ ги уцениле главите на Роза Луксембург и Карл Либкнехт (коосновачот на Сојузот) и тргнале во потрага по водачите на Спартаковото востание. Лоцирани во улицата „Манхајмерштрасе“ 43, вечерта околу 21 часот ги фатиле германски офицери на парамилитарната единица „Фрајкорпс“, која веднаш ги ликвидирала. На Роза со пушка ѝ го здробиле черепот, а потоа телото ѝ го фрлиле во Ландверканал. Целосно непрепознатливо, телото го исфрлила водата дури во мај 1919 година.

Понекогаш се чини дека писмата што Луксембург ги пишувала до последниот ден од животот, буквално до последниот здив, како и последниот текст со наслов „Ред владее во Берлин“, се нејзините посмртни пораки. Силна, решителна, остроумна, бестрашна, одлучна, со други зборови – херојски совршена. По толку тешката и трагична смрт на Роза Луксембург, се чини дека токму таа расположба може да се прочита од нејзините последни зборови, а во денешно време на песимистички нихилизам, манична афирмација на индивидуализмот и апсолутен реформизам, како современа лекција напишана во ужасни времиња за некој иден револуционерен подвиг кој ќе нè „извади“ и во најтешките периоди:

„Ред владее во Берлин! Вие глупави џандари! Вашиот ред е изграден на песок. Револуцијата уште утре ’со тропот повторно ќе се исправи‘ и на ваш ужас ќе затруби: бев, сум и ќе бидам!“

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура