X
 04.05.2022 Живот

119 години по смртта, Делчев остана синоним за нашата татковина

Научната конференција „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ има меѓународен карактер, а на неа учествуваат еминентни академици, професори и научници кои говорат за неговото дело, мисија и улога во македонската историја.

Гоце Делчев е интимно вткаен во битот на нашата нација, поради што сме должни и на ваков начин, суштински – со научни согледби, а не само формално и поводно да му се поклониме, во текот на овие дни кога ќе се навршат и 119 години од неговата погибија, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професор д-р Никола Јанкуловски, во неговото обраќање на големата научна Конференција посветена на 150 години од раѓањето на овој голем револуционер.

Јанкуловски нагласи: „Должни сме, но не само пред Делчев и историјата, туку и пред нацијата во чиј код се вградени неговите мисла, идеја и дело, и пред времето идно. Овој собир им го должиме и на потомците, имајќи предвид дека делото на Делчев е синонимно поврзано со нашата татковина, а таа не е во наша трајна сопственост. Таа веќе им припаѓа на поколенијата што доаѓаат по нас, а на кои е важно да им оставиме научен влог кој ќе биде нивна нова појдовна точка во истражувањето за „најкрупната фигура во македонското ослободително движење“ и „првиот меѓу првите“.

Денот на загинувањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев годинава се поклопува со одбележувањето 150 години од неговото раѓање (3 февруари во Кукуш, денешна Грција) и со научна конференција која два дена се одржува во МАНУ под покровителство на Собранието на Македонија. За неговото дело и мисија, за неговата историска улога, како и значењето на Гоцевата мисла во литературата, зборуваат истакнати академици, професори и научници.

Во рамките на одбележувањето издадена е поштенска марка посветена на неговото раѓање, изложба насловена „Портрети на Гоце Делчев“ од академскиот сликар Ангел Петров, како и посета на Државниот архив каде што е поставена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“. Организатор на оваа исклучително важна манифестација е Институтот за национална историја.

„Гоцевото разбирање на „светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“ ја отсликува неговата непобитна врска со учителството и нераскинливиот спој со револуционерната идеја. Принципи и начела, кои се особено актуелни во нашето современие, кога образованието и знаењето претставуваат темел на развојот на општествата, а достоинството, слободата, демократијата, човековите права, рамноправноста претставуваат фундамент на егзистирањето на суверените нации во глобалната заедница“, истакна Јанкуловски и нагласи - Гоце е нашиот бит, нашата сушност, наше минато и наша стварност.

На Научната конференција, која има меѓународен карактер, учествуваат еминентни професори и научници од најразлични области со 40 реферати, меѓу кои се и насловите: Средновековна Македонија во националната идеја на македонските интелектуалци; Делчевиот концепт за морална и политичка револуција; Идејните аспекти на Гоце Делчев во борбата за македонско национално единство; Смртта на Делчев во дипломатската коренспонденција и во странскиот печат, Кукушката емиграција во Бугарија и споменот за Гоце Делчев во периодот меѓу двете светски војни; Гоце Делчев - Македонска легенда уште за животот: Македонската национална икона Гоце Делчев во литературната меморија и други интересни и значајни наслови посветени на овој голем македонски револуционер.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот