X
 04.10.2018 Наша тема

Од Тетово до Мека на две тркала. Сенад и Амир - аџии на велосипеди

Тргнале од Тетово на 23 јуни. Првата дестинација била Албанија за да извадат визи, па продолжиле низ Грција, па Турција

Двајца тетовци на велосипеди извозија илјадници километри за да стигнат до Саудиска Арабија за Курбан-бајрам. Сенад Идризи (31) и неговиот другар Амир Аслани тргнале на аџилак во Мека како и многу нивни сограѓани и припадници на исламската вероисповед. Но, за разлика од другите, тие почнале да се подготвуваат една и пол година порано. Ова е приказната на тркала на Сенад и на Амир од Тетово.

Амир Аслани (лево) и Сенад Идризи на пат за Мека

- Пред неколку години патувавме заедно со Амир Аслани за Сараево со велосипеди. И на тоа патување разговаравме за одење на аџилак со велосипеди. Меѓутоа, знаејќи каква е ситуацијата на Блискиот Исток, тоа малку нè кочеше – ја почнува приказната Идризи, дипломиран правник, лиценциран планински водич и велосипедист, среќно оженет и татко на 4-годишна ќерка.

Живее и работи во Тетово. Подолго време вози велосипед, а веќе четири години попрофесионално се занимава со планинарење.

- Но, лани многу нè охрабрија осуммина од Лондон што тргаа со велосипеди на аџилак во Мека. И видовме дека е тоа возможно. Така и решивме да тргнеме. Се подготвуваме речиси една и пол година - физички и технички. Ми беше јасно што требаше да направиме бидејќи повеќепати сум бил на неколкудневни експедиции – раскажува Идризи.

Рутата од Тетово до Мека на „Гугл мапс“

Последните неколку месеци физичките подготовки им биле поинтензивни – речиси за пет месеци извозел околу 6.000 километри. Но, подолготрајното патување со велосипед не подразбира само вртење на педалите. Неопходна е опрема за преноќување, за специјални временски услови, за готвење...

- Од облека - шушкавец за дожд и ветар, дресови, шорцови, шатoр, подлога, тенџериња за готвење, плински боци и плин за готвење, лажици, нож, челни ламби, џи-пи-ес, карта, прва помош, фолија за покривање, горетекс опрема за дожд. Од храна - готови макарони, ориз, електролити, витамини... – раскажува Сенад.

Шушкавци за дожд - дел од неопходната опрема за долги дестинации

Тргнале од Тетово на 23 јуни. Првата дестинација била Албанија за да извадат визи, па продолжиле низ Грција, па Турција. Оттаму со авион се префрлиле до Јордан.

- Не можевме преку Сирија поради војната. Од Јордан до Саудиска Арабија. Патувањето траеше околу 40 дена. Сè беше испланирано… планот беше секој ден да поминуваме по 100 километри. Некои денови минувавме и по 150 км, некои по 90 км. Сè зависеше од теренот – целта беше да се стигне до некое населено место. Речиси во сите земји луѓето нè пречекуваа многу добро, особено во Турција и во Јордан. Во Јордан беше интересно бидејќи традиција им е сите гости што минуваат низ некое село во пустина да ги нагостат со ручек, вечера или со спиење. И ние станавме дел од таа традиција – раскажува тој.

Амир и Сенад (десно) во Истанбул

Иако станува збор за голем подвиг, духовно и физички, Сенад и Амир во оваа авантура не поминале без мака.

- Јас имав проблем со коленото, од тежината на велосипедот, бидејќи имав околу 45 килограми дополнителен товар. Исто така и во Бурса, Турција, се повредив - паднав од велосипедот. Меѓутоа, сето тоа беше ништо кога ќе се сетев каде тргнав – на светото место Мека. Чувството во Мека е различно за секого. Секој си го доживува посебно. Кога стигнавме во Мека, поточно во џамијата Ќаба, целиот замор, физички и психички, се исплатеше – вели тој.

Во Мека. Молитва за благосостојба на сите тетовци

Аџиите на велосипеди биле уште посреќни кога нивните семејства ги пречекале на скопскиот аеродром.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема