X
 14.01.2021 Живот

Буенос Аирес има план да се претвори во велосипедски град

Буенос Аирес ја проширува мрежата на велосипедски патеки до центарот на градот во обид да ги охрабри жителите да прават еден милион велосипедски патувања дневно до 2023 година.

Во главниот град на Аргентина веќе има велосипедски патеки долги 250 километри, но последниот план предвидува изградба на велосипедски патеки долги дополнителни 17 километри покрај некои од најкористените улици во центарот на градот.

Пред пандемијата Буенос Аирес бил рангиран на 66. место на листата со градови со најголем метеж и нивото на загаденост на воздухот во градот растело. Новиот систем за бесплатно користење велосипеди и новите метро-станици веќе имаат влијание, но градот сега сака да оди чекор понапред и да ја прошири мрежата на велосипедски патеки за да вклучи централни подрачја.


Фото: Буенос Аирес/Pixabay

Новите патеки ќе ги поврзуваат предградијата со центарот. Во градот, луѓето треба да поминат помалку од 5 километри за да стигнат од една до друга дестинација во половина од случаите, па затоа властите се надеваат дека тие почесто ќе користат велосипед. Властите се надеваат дека на тој начин ќе се намалат загаденоста на воздухот и метежот.

Побарувачката за велосипеди во Аргентина се зголемила за 50% минатата година.


Фото: Pixabay

Истовремено, повеќе градови низ светот ги охрабруваат граѓаните да користат велосипеди за време на пандемијата за да се намали метежот во јавниот превоз. Богота, главниот град на Колумбија, изградила 117 километри нови велосипедски патеки за време на пандемијата, а Њујорк гради 400 километри велосипедски патеки и ги обновува крстосниците за да бидат побезбедни за велосипедистите и пешаците.

Милано гради 35 километри нови велосипедски патеки, а Париз ја проширува мрежата на велосипедски патеки до предградијата.

Автор: Даглас Брум
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот