X
 04.10.2019 Култура

Научна фантастика, историска драма и хорор - новата мини-серија веќе ја споредуваат со „Чернобил“

Поминаа три години откако беше најавена адаптацијата на научнофантастичниот класик, а пред неколку дена Би-би-си конечно го објави првиот трејлер за „Војна на световите“.

Во мини-серијата од три епизоди, која е базирана на култниот роман на Херберт Џорџ Велс, глумат Рејф Спол, Еленор Томлинсон и Роберт Карлајл, а првиот трејлер изгледа прилично спектакуларно.

- Дами и господа, се чини дека нешто пристигна во Англија - најавува гласот во првиот трејлер. Лондон и блиската околина се соочуваат со ескалирачки терор од инвазијата на вонземјаните.

Дејствието на мини-серијата е сместено во едвардијанската доба (1901-1914 година) и ги следи Џорџ и неговата партнерка Ејми, пар кој сака да почне заеднички живот, заедно со постариот брат на Џорџ, Фредерик и научникот Огилвај.

- Верзијата на „Војна на световите“ што сакав да ја направам е верна на духот на книгата, но е и современа, изненадувачка и полна со шокови - напиша писателот Питер Харнес кога ја најавуваше својата адаптација на приказната.

- Станува збор за колизија на научна фантастика, историска драма и хорор - додава тој.

Според трејлерот, тој го исполнил ветувањето. Мини-серијата, кои некои ја споредија со „Чернобил“, Би-би-си уан ќе ја емитува подоцна есенва.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура