X
 29.09.2018 Наша тема

Аница Добра ексклузивно за Факултети.мк: Моето доаѓање во Македонија го доживувам како одење на гости кај пријатели

„Покондирена тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“... и уште многу други филмови имаат една заедничка нишка – актерката Аница Добра. Последниве години оваа српска филмска и театарска актерка, која често се појавува во германски филмови, не е многу присутна во јавноста, но овој пат доаѓа во Македонија како гостинка на фестивалот „Киненова“, кој ѝ доделува специјална награда.

Добра дебитира во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Ателје 212 и во театарот „Звездара“.

anica

Првпат официјално доаѓате во Македонија, и тоа со посебен повод. Какво е чувството? Како ја доживувате Македонија?

- Најпрво, сакам да кажам дека ми е драго што имам привилегија да бидам гостин на филмскиот  фестивал „Киненова“ во Македонија, кој спојува луѓе и идеи, гради мостови, отвора дијалози и креативно инспирира. Привилегијата е особена затоа што сум повикана од прекрасни луѓе, ентузијасти и вљубеници во филмот. Така што моето доаѓање во Македонија не го сметам за официјална посета, туку го доживувам како да е одење на гости кај мои пријатели. И се радувам што можам да бидам дел од фестивал кој веќе нашол добро место и се позиционирал како неопходен во претставување на дебитантските филмови и нивните автори.

Добивате специјално признание за особен придонес во светската филмска уметност на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје. Македонската публика добро Ве знае, барем онаа што некогаш живеела и растела во нашата поранешна заедничка земја Југославија, но ова е добра можност и помладите да Ве запознаат. Колку Ви значи ова признание?

- Имам веќе доволно искуство за да можам од сè срце да се радувам на оваа голема и значајна награда, а сепак мислам дека имам премалку за да би поверувала дека сосема и навистина ми припаѓа. Имам уште толку многу работи што треба да ги видам, научам, разбудам во себе, да ги разработам, да ги впијам, снимам или раскажам. Глумењето (актерството) како работа станува најубавата професија на светот тогаш кога глумецот се развива континуирано, кога повеќе генерации ќе ве дочекаат и ќе ве испратат, а вие во секоја животна доба имате што да им дадете на тие генерации и да оставите некоја трага, да бидете некој иден инспиратор, некоја радост, или намерна или случајна скриена порака во секој филм. Ова признание ми значи сè, тоа е светот за мене.

Многу снимате. Последниве години повеќе во Германија, но и во Србија. Дали има голема разлика кога работите на филм со Ваши колеги од Србија во однос на работата во Германија?

- Разлики постојат, за голема среќа. Но, не поради географската поделеност, различните јазици или висината на буџетот, туку поради различностите на идеите или сензибилитетот, што многу попрефинето и посензибилно ги одредува како филмските проекти така и луѓето што ги работат тие филмови. А постои и една заедничка црта – потребата креативно да се укаже на темите што ни се важни и не засегаат. Во секој случај, и покрај сите сомнежи и превирања што човек може да ги има со секој нов филм, голема среќа е, а уште поголема инспирација, да се работи со луѓе од различните меридијани, да се движите низ светот и да го сметате за свој.

Како изгледаше работата на филм во деведесеттите, а како изгледа денес?

- Не беа само деведесеттите години различни во однос на денешните услови, туку и јас сум била различна во однос на она што сум денес. Тие години се веќе далечна историја. Крајот на осумдесеттите години беше период кога филмот во Југославија цветаше, беше во полна сила. Публиката ги полнеше киносалите и ја познаваше многу добро филмографијата на режисерите и глумците. За млад актер, секако, тоа беше многу подобра ситуација од оваа денес, која е доста неизвесна. Актерот можеше во тие далечни години макар да добие шанса и да биде одговорен за својот пат, поточно кариера. Денес младите создавачи се многу посупериорни, пожилави, подобри од нас, но имам впечаток, поточно знам, дека многу, многу потешко доаѓаат до можност тоа да го искажат.

Која Ви е најдрага улога на филм?

- Најдрага улога е секогаш онаа што се работи во моментот. А секоја сум ја работела како да ми е прва и последна во животот. Така треба да биде. За рекапитулација секогаш има време.

Играте во многу култни филмови со кои растеше и се развиваше публиката од овие простори. Како го доживувате тоа што една цела генерација млади се идентификуваа со „Црниот бомбардер“? Дали тоа Ви значи?

- Една од моите најважни работи при создавањето на филмот „Црниот бомбардер“ е таа што нас, глумците (Драган Бјелогрлиќ и јас), режисерот Дарко Бајиќ нè поттикна да учествуваме во разработката на сценариото, нè натера да мечтаеме и да смислуваме нови сцени, а потоа ни поверува целосно дека такви изменети може да ги снимаме. Можеби тој дух, зачинет со добриот рокенрол на „Електричен оргазам“ и Влада Дивљан, некако генерациски беше препознаен и направи тој филм да биде гледан и слушан долги години.

„Црниот бомбардер“ е веројатно една реална слика на Белград и на целата земја во тоа мрачно и исклучително нестабилно време во Србија, но и во регионот. Пишуван е и сниман за време на распадот на нашата поранешна заедничка земја и ужасната граѓанска војна. Колку лично ја доживеавте Вашата улога во филмот?

 - Значи, филмот не е сниман за време на распадот на Југославија, туку тоа сценарио го предвиде распадот две години порано, кога сценариото беше пишувано. Многу е веројатно дека нашите души почувствувале нешто што умовите во тоа време не можеле, или едноставно не знаеле да го видат или препознаат.

Какво место зазема театарот во Вашиот живот? Активни сте и во оваа уметност. Има ли некоја улога што би ја издвоиле и која силно посакувате да ја играте на театарската сцена?

- Театарот за мене е неодвоив од филмот. Сметам дека тоа е почеток на сè, привилегија, некаков добар тренинг и вовед во магијата која може да ја има филмот. Тоа е наше место на кое ние, глумците, може да му се навратиме кога нема филмови, нема филмски улоги или нема финансии да се реализираат. Улогите секогаш некако сами го наоѓаат глумецот, не обратно. Така што никогаш се немам оптоварувано со потенцијалните улоги, туку им се радував на оние што ми беа наменети. Моментално повеќе сум посветена на театарот и во паузите некако успевам да вклопам и понекој снимачки ден.

Каква е филмската публика во Германија? Претпоставувам дека сакаат да гледаат филмови од сопствена продукција?

- Дајте ѝ на публиката филм во кој ќе се препознае – и филмот ќе биде гледан!
Публиката во секоја засебна земја нема да ги гледа своите домашни филмови од патриотски причини, туку затоа што ќе сака да доживее одредена сензација. Понатаму, таа иста публика, поради која и ги правиме филмовите и претставите, нам ни е потребна. А не сум баш сигурна дека ние сме ѝ секогаш потребни. Таа треба да се негува. Му благодарам на фестивалот „Киненова“ што ни помага во тоа.

Кога би добиле улога во македонски филм, дали би ја прифатиле? Има ли македонски режисери или актери со кои би сакале да соработувате?

- Како што реков на почетокот, филмот е привилегија и скапа играчка. Дури и кога е нискобуџетен, филмот е скап. Тоа треба да се знае и да се цени. Но, повеќе од тоа ја ценам добрата идеја, која денес е најбарана и најплатена затоа што е ретка. А исто така најмногу верувам дека таа добра идеја е возможно да се роди во средина која е полна со живот, превирања, спротивности, проблеми, убавина и големи емоции – во Македонија. Сум имала можност да работам и да соработувам со македонски уметници и благодарна сум им на секоја животна лекција. Им благодарам на тоа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема