X
 04.12.2020 Наука

Aнализа покажува кој тест е најдобар за сите фази на Ковид-19

Додека вакцината против Ковид-19 не биде прифатена и широко достапна, спречувањето на ширењето на коронавирусот и понатаму ќе продолжи да се потпира на тоа колку брзо може да се откријат заразените лица и да се стават во изолација.

Сепак, тековните дијагностички техники се разликуваат во сигурноста и релевантноста, па затоа е потребно да се знае кога и под кои околности е најдобар одреден тест за да се избегнат неточни резултати.

Научници од неколку турски универзитети ги оценија достапните дијагностички техники и ги идентификуваа клучните чекори потребни за подобро тестирање. Тие го објавија нивното истражување во научното списание „Еј-пи-ел бајоинженеринг“.

- Брзата дијагноза и брзата изолација се клучни фактори за спречување на пандемијата - вели Игужан Гундуз, автор на истражувањето.

тестирање
Фото: Freepik

Лабораториските тестови се насочени кон гените на вирусот, а станува збор за веќе добро познатите ПЦР-тестови што се користат како стандард во пандемијата со Ковид-19. Сепак, тие не се 100 отсто точни и може да покажат лажно негативни резултати, велат податоците од американската Управа за храна и лекови.

Овие тестови зависат од присуството на антитела, што можеби не се развиле во раната фаза на инфекцијата. Бидејќи различни антитела се појавуваат во различни фази на Ковид-19, мора да се изберат дијагностички тестови што се насочени кон соодветниот имунолошки одговор и со оглед на времето што поминало од почетокот на првите симптоми на инфекцијата.

- Сè уште нема единствен тест за сите фази на болеста. Сепак, мислам дека е можно да се открие нападот во која било фаза на болеста со технологија базирана на наносензори - вели Гундуз.

2
Фото: Freepik

Турските научници ја истакнуваат потребата од тестирање и речиси инстантно добивање на резултатите. Ваквите тестови ќе помогнат да се открие вирусот веднаш и без потреба од лабораториска опрема или специјализиран персонал и ќе се елиминира времето потребно за добивање резултати.

- Многу чувствителен тест што може да измери мал број честички или кој било параметар поврзан со честички, тежина, структура, промена, дијаметар, може да овозможи брза и рана прогноза - вели Гундуз.

На прашање за потенцијално помалку незгоден метод на тестирање, тој истакнува дека тоа зависи од методот на земање примероци и неговата чувствителност. Земање примерок од крв од прст или земање примерок од плунка постои, но тие имаат лоши страни, вели Гундуз.

Извор: News-medical.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука