X
 05.01.2024 Наука

Дали е вистина дека ќе се разболите ако излезете надвор со мокра коса во зима?

Многумина од нас многу пати го слушнале предупредувањето - не излегувај на студено време со мокра коса затоа што ќе настинеш. Ова произлегува од стравот дека многу студеното време може да предизвика болест.

Не постои голема вистина во тоа, но може да се каже и дека не е целосно лажно.

Настинката, грипот и другите респираторни заболувања, вклучувајќи го и ковид-19, се предизвикани од вируси. Некои синусни инфекции се предизвикани од бактерии. Овие бактерии обично се шират со вдишување на респираторни капки и честички од болни луѓе, со јадење, или допирање контаминирани површини, а потоа допирање на очите, носот или устата.

- Не можете да настинете со самото тоа што ќе излезете на студеното време - вели Шон О'Лири, претседател на Комитетот за заразни болести на Американската академија за педијатрија.

Но, зимското време може да создаде попријатна средина за бактериите - надвор и внатре во нашите тела. Некои истражувања посочуваат дека ниските температури може да му помогнат на вирусот на грип да преживее подобро.

Ниските температури можат да влијаат и врз нашиот имунолошки систем.

Истражување од 2018 година откри дека областа во внатрешноста на врвот на секоја ноздра содржи рецептори кои можат да ги детектираат бактериите што се вдишуваат. Потоа, имунолошкиот систем испраќа рој ситни меурчиња, познати како екстрацелуларни везикули, во слузта во носот за да ги убијат бактериите пред да имаат шанса да предизвикаат инфекција. Во истражување од 2022 година научниците откриле дека сличен процес се случува со вирусите и дека најважно, кога носот е студен, неговата способност да ја врши оваа функција може да биде попречена.

Севкупноста на истражувањето покажува дека нашата подложност на вирусна инфекција се удвојува со опаѓање на температурата дури и ако таа падне за само 5 Целзиусови степени, вели Бенџамин Блајер, директор на истражувањето за отоларингологија во болницата „Масачусетс ај енд иар“.

И хипотермијата (значителен пад на температурата на телото предизвикан од продолжената изложеност на екстремен студ), може да го потисне имунолошкиот систем.

Некои луѓе имаат поголема веројатност да се разболат во зима, но не затоа што седат надвор на студено време. Во некои случаи може да биде и спротивното, велат експертите.

- Во текот на зимата луѓето се собираат во затворени простории каде што има слаба вентилација - вели Моника Ганди, експерт за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско. Оваа близина со членовите на семејството и пријателите за време на сезоната на настинки и грип ја зголемува изложеноста на вируси поради интеракцијата со другите.

Во крајна линија, не можете да се разболите со едноставно излегување на студено време со мокра коса, туку мора да бидете во контакт со вирус на настинка или грип. Но, ниските температури може да ве направат поподложни на инфекција кога сте изложени на одредени бактерии.

Извор: Washingtonpost.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука