Наодите од истражувањето спроведено од страна на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес открива дека во развојот на мозокот на тинејџерите, лајковите генерираат активности во регионите на мозокот кои биле вклучени во чувството на задоволство - истите области кои ги „приклучуваат“ мислите за секс, пари и храна.
Спроведена со мали примероци од 32 тинејџери на возраст од 13 до 18 години, истражувачите им кажале дека учествуваат во тестирање на мала социјална мрежа. Програмата беше моделирана според Инстаграм, дизајнирана да испита колку влијателен е лајкот во форма на срце во главата на средношколците.
Експериментот, спроведен од UCLA истражувачите, им даде задача на тинејџерите да додадат свои фотографии на платформата, кои подоцна биле објавени со други фотографии кои биле поврзани со поризични однесувања како пушење марихуана или цигари.
Овие фотографии - вкупно 150, биле прикажани на кандидатите заедно со лајк кој покажувал колку е популарна секоја фотографија кај другите луѓе. Оние фотографии кои веќе добиле многу лајкови - дури и ако биле секојдневни имале поголема веројатност да ги предизвикаат деловите од мозокот кои вклучувале „обработка на награда, социјално признавање, имитација и внимание“. Ефектот се зголемил кога нивната фотографија собирала лајкови.
Наодите од истражувањето биле толкувани како што тинејџерите ги процесирале лајковите на ист начин како што го правеле за сексуалната стимулација.
Главниот автор на истражувањето, Лорен Шерман, изјави дека таа ја сфаќа желбата за споредба на одговорот на мозокот кон лајковите и сексот, меѓутоа не би одела толку далеку да каже дека задоволството е исто.
„Ова не е нешто што невровизуелните алатки би можеле да ни го кажат - можат да кажат само дека вклучени се истите региони од мозокот. Мислам дека е фер кога ќе кажеме дека нервните кола вклучени во добивањето лајкови е исто така инволвирано во искуството на многу други задоволства“.
Додека споредбата со секс може да предизвика внимание, Шерман вели дека постои нешто поважно во истражувањето: таа открива дека „наградните“ региони од мозокот се вклучени не само во чувствата на задоволство, туку и во „учењето и мотивирањето на идното однесување“.
„Мојата хипотеза е дека
лајковите не прават човек да се чувствува само добро во моментот; наместо тоа тие можат да ги водат тинејџерите да научат како да се однесуваат во иднина со цел да се вклопат меѓу нивните врсници“, објаснува таа.
Интересно е тоа што притисокот не мора да доведе до негативно однесување; децата од тест групата реагирале позитивно на најјасните фотографии се' додека тие имаа лајкови. Тие реагирале на сличен начин, но во помала мера кога се појавиле популарните фотографии но со поризични активности.
„Истражувањето многу разумно укажува дека адолесцентите се во развоен период каде само-презентацијата е доста важна“, вели Д-р Памела Ратлеџ, директор на истражувачкиот центар „Media Psychology“. Ова покажува дека тинејџерите го сметаат мислењето на нивните врсници за доста важно, па лајковите се еден вид на одобрение.
„Исто така, истражувањето го нагласува начинот на кој тинејџерите ги толкуваат квантитативните информации како што се лајковите, во квалитативни и субјективни емоции за да укажат припадност и општествена прифатливост - примарните двигатели на тинејџерската мотивација“, објаснува Д-р Ратлеџ.
Иако истражувањето не ги спореди директно оналјн и офлајн податоците, Шерман вели дека демонстрира дека лајковите влијаат врз тоа како тинејџерите ги искусуваат и реагираат на онлајн информациите.
Друга област која Шерман планира да ја истражува понатаму е пронаоѓањето на задоволство кај лајковите кај оние кои не пораснале во ерата на социјалните медиуми. Таа планира да се обиде да го измери влијанието на интеракцијата на социјалните медиуми кај возрасните.
„Видовме дека нашите учесници покажаа активирање на регионот на мозокот за награда кога добиваа лајкови на фотографиите, а некои од овие региони на мозокот се особено чувствителни во адолесценцијата во споредба со зрелоста. Можно е една од причините тинејџерите да се активни корисници на медиумите тоа што нивниот мозок е особено чувствителен на онлајн социјалните повратни информации“, вели таа.