X
 05.02.2021 Образование

Заврши со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Денес во 11 часот заврши со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).

Десетте работни дена се истркалаа, 40-те одработени лекторски часови летнаа (иако само лекторите знаат колку енергија потрошија, но и колку љубов дадоа и примија). Со мирно срце може да се заклучи дека сите пријавени беа пред своите екрани (зашто наставата се одвиваше на далечина на зум-платформата). 50-те слушатели од 15 земји со страст (како оние мигови кога на часови се доаѓаше со националното знаме во заднина или кога се следеше наставата во кошула со македонски вез или кога паузите се обојуваа со убавата македонска песна, и со народната, но и со онаа на Каролина Гочева), но и со голема професионална посветеност одговорија на сите предизвици поставени од страна на нивните лектори: д-р Борче Арсов и м-р Биљана Стојановска (почетно ниво на познавање на македонскиот), д-р Гордана Алексова и м-р Бојан Петревски (средно ниво), м-р Бобан Карапејовски (напреднато ниво за јазик), д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Ѓорѓиовска (напреднато ниво за литература) и Роза Тасевска и Јован Ковачевски (напреднато ниво за преведување). Наставата за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик се одвиваше по учебниците за македонски јазик за странци (достапни и на официјалната страница на УКИМ како ПДФ): „Тешкото“ од Симон Саздов (почетно рамниште), „Лозје“ од Гордана Алексова (средно рамниште), „Златоврв“ од Анета Дучевска (напреднато рамниште – јазик) и „Везилка“ од Весна Мојсова-Чепишевска (напреднато рамниште – литература и култура), во издание на УКИМ. Впрочем, и преку самите наслови на учебниците, инаку позајмени од творештвото на Блаже Конески, ние му се оддолжуваме и поклонуваме на великанот и на тој начин.



Посебно се израдувавме кога оваа зимска школа го доби и својот најмлад учесник. Имено, малиот Војтех, на мама Зофија Дембовска од Полска, се роди токму среде лекторските часови кога групата за напреднато ниво ги читаше песните на Конески: „Дете заспано крај езеро“ и „Приспивна“. И мaлиот Војтех со мама Зофија беше еден од најредовните семинаристи. Така што со широко срце велиме дека во оваа исклучително чудна, пандемична година, кога сите помалку или повеќе сме изморени од следењето часови, настани, промоции на некаквиси интернет-платформи, да имате исклучителен број страсти проучувачи на македонскиот јазик, литература и култура е неверојатен успех.

За своето учество посетувачите на Зимската школа добија Уверение (кое и во скенирана форма, но и преку пошта многу брзо ќе стигне во нивните електронски сандачиња на нивните електронски адреси, но и на адресите на нивните домови и универзитети низ светот). Така што сите тие влегуваат во самата историја како први учесници. Но и сите ние влегуваме во таа иста историја како први реализатори на една ваква зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Така што, уште еднаш преку оваа најнова форма на организирање и успешно реализирање на прва зимска школа, МСМЈЛК го истакна своето големо значење, особено во овој период кога, за жал. сè уште се атакува врз македонскиот јазик. Тоа значење, како што во една пригода нагласив, е големо како Шара, моќно како надојден Вардар, велико како длабочината на Охридското Езеро, цврсто како Самуиловата тврдина, Скопското кале, Марковите кули. Или гледано низ факти (бројки) звучи вака: Претходните 53 летни школи и 47 меѓународни конференции дадоа околу 4.500 досегашни учесници од 50 земји во светот, меѓу кои се наоѓаат имињата на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите во светот.



На оваа бројка ги додаваме најновите – 50 македонисти, семинаристи на штотуку завршената Прва зимска школа. А на МСМЈЛК гледаме како на еден вистински продолжувач на она што го започнаа и Ѓорѓија Пулевски и Крсте Петков Мисирков, кои први ја истакнаа посебноста на македонскиот јазик. Од нив започна сериозно да се испишува таа приказна и да се кажува и прераскажува. И таа трае и трае. А името Конески не може никој да го оспори зашто тој е неприкосновен во она што го направи и на полето на науката на јазикот, и на полето на науката за книжевноста, но и во самата книжевност преку својот автентичен поетски глас како дел од современата македонска, но и европска и светска поезија, но и на полето на преводот/препевот. И можеме слободно да кажеме: Конески – тоа сме сите ние! Конески – тоа се и овие 50 семинаристи на Првата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ!

проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска,
директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование