Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), како една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓање на Блаже Конески, ја започна новата или Блажевата 2021 со новини токму во чест на тоа одбележување. Во таа насока, од МСМЈЛК најавуваат одржување на првата зимска школа на која ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји.
Оттаму додаваат дека иницијативата за националната платформа е со цел да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески и таа доаѓа од двете министерства, Министерството за култура и Министерството за образование и наука.
Првата зимска школа на МСМЈЛК, ќе се одвива на далечина (онлајн) преку зум платформата во времетраење од десет работни денови (секој ден по 4 часа), во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година (со вкупен фонд од 40 часа). На првата зимска школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји (Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руска Федерација, Соединети Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка).
-За наставата на оваа Прва зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). За своето учество посетувачите на зимската школа ќе добијат и Уверение со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на меѓународниот семинар – соопштуваат од МСМЈЛК.
На отворањето на првата зимска школа пригодни видео-обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, Мила Царовска. Додека поздравна реч ќе имаат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.