X
 05.07.2018 Живот

Се прави храбар план за спасување на момчињата заробени во тајландската пештера

Неделава 12 тајландски момчиња од младински фудбалски тим заедно со нивниот тренер беа пронајдени од спасувачката екипа, заробени во воздушен џеб длабоко во потопениот систем на пештери.

Експертите велат дека нивото на водата во рамките на пештерскиот комплекс нема да се спушти во претстојните месеци, меѓутоа, почнува да се формира храбар план за спасување на момчињата.

1
Фото: АР


Видеото направено на самото место покажува дека момчињата се во ред, иако се исцрпени поради тоа што девет дена биле без храна. Од вчера и медицинска екипа им се придружила на момчињата, обезбедувајќи им високо енергетска храна што лесно се вари и е полна со витамини и минерали.

Радоста за нивното пронаоѓање брзо премина во разочарување бидејќи стана јасно дека момчињата нема наскоро да ја напуштат пештерата.

Долгата, извиткана патека до влезот е целосно поплавена со вода, освен неколкуте воздушни џебови. За работата да биде покомплицирана, водата е густа и со кал и видливоста е практично нула. Некои делови се толку тесни, што нуркачите едвај успеале да поминат со нивните резервоари за кислород и протокот на вода е многу силен во други области, а се очекува сезоната на монсуните да трае уште четири до пет месеци, па дотогаш нивото на водата нема да се намали (без оглед на човечката интервенција). Обесхрабрувачки е и тоа што некои од момчињата не знаат да пливаат, а камоли да нуркаат.

2
Фото: АР


Лекови и храна сега се транспортираат на самото место, а резервниот план е дека момчињата ќе мора да останат во пештерата до октомври или ноември. Четиримесечно снабдување со лекови и храна е веќе организирано, ако дојде до тоа.

Но тајландските официјални лица не сакаат да дојде до тоа. Адмиралот Апакорн Јукункаув вели дека времето е постојана грижа, но рече дека момчињата ќе бидат безбедни веднаш штом се отстрани доволно вода од пештерата.

- Но ако тоа не функционира, ќе смислиме друг начин. Имаме план А и план Б, и на крај, сите ќе се вратат во прегратките на нивните родители - изјави тој.

3
Фото: АР


Не елаборира ниту еден од овие планови, но според „Гардијан“, околу 120 милиони литри вода биле испумпани од пештерите уште вчера.

Исто така, на момчињата им е овозможен курс по пливање и по нуркање. Тајландските официјални лица моментално разговараат со подводните служби во Бангкок, со фирма што вообичаено обезбедува опрема за екстракција на нафта и гас под вода. Од компанијата се бара да снабди нуркачки маски за децата. Децата би биле опремени и со костими за нуркање, чизми и шлемови.

Отстранувањето на целата вода од пештерскиот систем е невозможно, но кога нивоата ќе бидат доволно ниски, времето што момчињата ќе мора да го поминат во пештерата ќе биде минимизирано.

Штом ќе почне спасувањето, статично јаже, кое веќе е поставено, ќе го води секое момче и неговиот нуркач низ мрачните, брзи води кон влезот, односно излезот. Наизменично, тимот на нуркачи за спасување ќе се позиционира по должината на патеката, пренесувајќи ги момчињата. Патувањето би можело да трае три часа или повеќе, така што резервоари ќе бидат позиционирани на секои 25 до 50 метри, доколку нивоата на кислород почнат да се намалуваат и тие треба да се заменат. Од момчињата не се очекува да ги носат кислородните резервоари, туку ќе ги носат нивните спасители нуркачи.

5
Фото: АР


Официјалните лица веќе се во процес на регрутирање на нуркачите што зборуваат тајландски, што треба да помогне да ги држи момчињата смирени за време на патувањето.

Се разгледува и можноста за користење рударска опрема за копање премин, со оглед на тоа што се наоѓаат на околу 1.000 метри под врвот на планината. Тимовите моментално ја пребаруваат планината во потрага по алтернативен начин за влегување во пештерата.

Ова се храбри планови, но официјалните лица инсистираат на тоа ниту едно момче да не е изложено на ризик. Деталите од планот Б не се специфицирани, но мора да се почека до крајот на дождовната сезона.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот