X
 05.08.2020 Живот

„Вирџин галактик“ го претстави дизајнот на новиот суперсоничен авион

Приватната компанија за вселенско летање „Вирџин галактик“ се здружи со „Ролс-Ројс“ за да изгради суперсоничен авион кој ќе се користи за брзо патничко летање.

Преку својата фирма-ќерка „Д спејсшип компани“, „Вирџин галактик“ сега работи на развивање брз комерцијален авион кој ќе може да лета трипати побрзо од брзината на звукот. Во неделата компанијата го претстави првичниот концепт за дизајнот на авионот и откри дека потпишала меморандум за разбирање со „Ролс-Ројс“ за соработка во дизајнирањето и развивањето на леталото.


Фото: Virgin Galactic

„Ролс-Ројс“ звучи како чуден избор, но компанијата претходно работела на авионски мотор за суперсоничниот авион „Конкорд“, кој летал двојно побрзо од брзината на звукот.

„Конкорд“ не е единствениот комерцијален суперсоничен авион кој би му бил конкуренција на оној што ќе го развива „Вирџин галактик“. Компанијата „Бум текнолоџи“ работи на суперсоничен авион кој треба да биде претставен во октомври, додека компанијата „Спајк ероспејс“ развива суперсоничен бизнис-авион.


Фото: Virgin Galactic

Во меѓувреме, американската вселенска агенција НАСА и компанијата „Локхид Мартин“ работат на суперсоничен авион кој ќе треба да предизвикува помали сонични експлозии при летањето.

Сите овие проекти се започнати по „Конкорд“, кој летал од 1969 до 2003, и по рускиот суперсоничен авион „Туполев Ту-144“, кој летал од 1968 до 1999.


Фото: Virgin Galactic

Авионот на „Вирџин галактик“ треба да има место за 19 патници и да лета на височина од 18.300 метри. Компанијата планира и да нуди повеќе опции за летање, како бизнис-класа и прва класа. Авионот би полетувал и слетувал исто како и комерцијалните авиони што се користат денес, велат од компанијата.

Во јули „Вирџин галактик“ го претстави и дизајнот на кабината на својот вселенски авион кој ќе носи патници до орбитата на Земјата.

Автор: Челси Год
Извор: space.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот