X
 05.11.2021 Наша тема

Синдикалците против четири часа работа за административците во петок

Според Синдикатот, со сегашната поставеност на одредување на платите на вработените во администрацијата, каде што за некои тие се одредуваат со колективен договор, а за други и со колективен договор и по сопствен закон, има големи разлики во платите меѓу самите институции, како и меѓу вработените со исто образование и исти работни обврски во зависност од тоа каде се вработени како административци

Во светлината на настаните околу и по изборите како да се заборави на новиот предлог-закон за административните службеници кој предвидува полното работното време да изнесува 36 часа неделно. Односно, во петок да се работи четири часа помалку. За предлогот, кој беше отворен за дебати и сугестии кои согласно законскиот рок завршија некаде на почетокот на октомври, веќе никој не зборува. Владата го бранеше со ставот дека е дел од реформите и дека не гледа причина зошто предлогот не би бил прифатлив бидејќи се „базира на искуството на повеќе земји во светот“.

Синдикалците сепак не мислат така.

- Никогаш не било барано намалување на часовите на работната недела на седниците на претседателството на УПОЗ. Предлог-законот со кој за административните службеници се скратуваат часовите на работната недела од 40 на 36 часа, или од понеделник до четврток да има осумчасовно работно време, а во петок работното време да е четири часа, и тоа да важи само за вработените во администрацијата, никогаш ниту сме го барале ниту сметаме дека е во ред. Доколку имала искрена намера да ги намали часовите во работната недела, ваква измена Владата ќе направела во Законот за работни односи, и тоа да важи за сите, а не само за административните службеници - вели Бранко Аџигогов, в.д. претседател на синдикалната организација на вработените во Фондот за здравствено осигурување при Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ).

Аџигогов, кој е и член на претседателството на УПОЗ, смета дека оваа одредба во предлог-законот за административни службеници, кој е на јавен увид објавен на ЕНЕР и каде што сè уште трае можноста за давање коментари и мислења, е неуставна.

- Скратување на часовите на работната недела не може да важи за едни, а за други да не важи. Доколку ова законско решение биде усвоено, верувам дека тоа ќе биде поништено на Уставен суд - вели Аџигогов.



Генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Деановски, вели дека Синдикатот никогаш не барал скратување на времето на работната недела да важи само за администрацијата. Тој објаснува дека пред три години УПОЗ имал иницијатива согласно европските практики, со измени на Законот за работни односи, да се скрати времето на работната недела за по еден час дневно.

- Нашата иницијатива беше работното време да биде седум часа дневно и тоа да важи за сите вработени, а не само за администрацијата. Ова што е предложено во предлог-законот за административни службеници не е наш предлог - вели Деановски.

Од синдикалната организација на ФЗОМ сметаат дека со новиот предлог-закон се скратува можноста за унапредување за оние државни службеници кои во текот на работата ќе добијат највисоки оцени - да добијат повисок степен на кариера, или пак ако не добијат унапредување, да добијат зголемување на платата од 5 отсто, што е предвидено со постојниот Закон за државни службеници.

- И со постојниот Закон напредувањето на најдобрите и на тие што се највредни и најмногу работат не профункционира, а со новото законско решение најдобрите ќе добијат само пофалница од раководителот. УПОЗ и синдикалната организација на вработените во ФЗОМ како негова членка се залагаат да се воспостави систем на плати кој ги подржува вработените во администрацијата што вистински работат, тоа е МЕРИТ-системот, кој, за жал, никогаш не заживеа. Доколку тоа не е можно, бараме платата на вработените во администрацијата да биде флексибилна и да расте согласно зголемувањето на просечната или минималната плата, односно да се земат предвид други макроекономски показатели - вели Аџигогов.

Според синдикатот, со сегашната поставеност на одредување на платите на вработените во администрацијата, каде што за некои тие се одредуваат со колективен договор, а за други и со колективен договор и по сопствен закон, има големи разлики во платите меѓу самите институции, како и меѓу вработените со исто образование и исти работни обврски во зависност од тоа каде се вработени како административци.

- Така, вработен со високо образование како раководен кадар во една институција има плата од 30.000 денари, а во друга институција на исто ниво вработен со исти работни обврски има 40.000 денари плата. Вакви разлики има, на пример, меѓу вработените во ФЗОМ и ПИОМ, а уште поголеми се платите во Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување или во Царината, кои постигнаа зголемување преку колективните договори што ги потпиша синдикатот на УПОЗ. Големи разлики има во сродни дејности каде што платите во една институција се за 30 отсто поголеми од платите во друга институција на сите работни места, како што е случајот со вработените во Министерството за труд и социјална политика. Ако се реализира најавата минималната плата да се зголеми на 18.000 денари, може да се случи вработен со средно образование во една институција да има иста или многу да се доближи до платата на вработен со високо образование на помалку платено работно место - вели Аџигогов.

И генералниот секретар на УПОЗ, Деановски, потврди дека со сегашната поставеност на системот има големи разлики во платите на вработените во зависност од тоа во која институција се вработени, но не сакаше да ги коментира разликите меѓу конкретните институции.

Фото: приватна архива
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема