X
 31.03.2022 Живот

Протест во управата и правосудните органи на 7 и 8 април

Законот за административни работници, донесен на последната владина седница, всушност, исполнува само едно барање - да се овозможи покачување на платите на вработените во јавниот сектор со средно образование. Во администрацијата има цела група вработени кои, и пред зголемувањето на минималната плата, две години добиваа плати под минималната, вели Трпе Деановски, претседател на УПОЗ

Вработените во управата и правосудните органи на 7 и 8 април со двочасовен прекин на работата ќе изразат предупредувачки протест бидејќи нема скалесто зголемување на платите.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Македонија (УПОЗ) најави предупредувачки протест за следната недела, незадоволен од владините политики со кои нема да има скалесто покачување на платите во јавниот сектор по последното зголемување на минималната плата.

Трпе Деановски, претседател на УПОЗ, вели дека претседателството на Синдикатот донело одлука на 7 и 8 април претседателството на УПОЗ, вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, два часа да ја прекинат работата.

- Тоа ќе биде двочасовен предупредувачки прекин на работата бидејќи досега Владата исполни само едно од нашите барања - вели Деановски.

Тој објаснува дека со измените на Законот за административни работници, кои беа донесени на последната владина седница, всушност, е исполнето само едно од нивните барања, а тоа е да се овозможи покачување на платите на вработените во јавниот сектор со средно образование, а дел од нив и пред зголемувањето на минималната плата добиваа плати под минималната.

- Во администрацијата има цела група вработени кои, и пред зголемување на минималната плата, две години добиваа плати под минималната бидејќи заклучно со април, минималната плата е 15.184 денари, а во администрацијата има вработени што земаат плата од 14.500 денари до 16.500. Тоа се вработени со средно образование. Тоа се случи бидејќи со претпоследното зголемување на минимална плата не беа направени потребните законски корекции - вели Деановски.

Тој објаснува дека со сегашните измени на законот за административни службеници на оваа група вработени ќе им порасне платата согласно минималната, но дека на вработени што се во другите нивоа платата ќе им биде иста или само малку поголема од минималната.

- Сега и во другите категории има вработени со високо образование на кои платата им е речиси 18 илјади денари. Освен зголемување на платите за вработените со најниски плати, баравме во измените да се предвиди и скалесто зголемување на преостанатите плати бидејќи ќе се случи тие со средно образование да добијат иста или малку помала плата од оние со високо образование, чии работни задачи и обврски се многу поголеми - вели Деановски.



Тој објаснува дека треба да се прави разлика меѓу вработени во јавниот сектор и во администрацијата, кои се дел од вработените во јавниот сектор.
- Во јавниот сектор влегуваат сите вработени во здравството, културата, образованието, администрацијата, одбраната и полицијата. Во администрацијата има и најмалку вработени, тоа се вработените во министерствата, агенциите, фондовите, локалните самоуправи и правосудните органи, како и вработените во Владата и Собранието. Во јавниот сектор има 38.493 вработени со средно образование и уште 9.218 вработени со основно образование, или на 47.711 луѓе треба да им се зголеми платата за да се усогласи со минималната плата. Во јавниот сектор има вкупно 131.183 вработени - вели Деановски.

Тој објаснува дека едно од нивните барања е во јавната администрација платата да не биде изедначена со минималната, туку да биде над неа и да има разлики според степенот на сложеност на работата. Пресметката на плати во јавниот сектор и во администрацијата е различна, вели Деановски, бидејќи во дел од институциите таа се исплаќа според Законот за работни односи и колективните договори, во дел од институциите според Законот за административни службеници, а во други таа се исплаќа по посебни закони за институцијата и се одредува според бод што го одредува Владата.

Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот