Научниците успеале да развијат универзален тест за рак што може да го детектира заболувањето преку крвотокот на пациентот.
Евтиниот и едноставен тест користи течност што ја менува бојата за да го открие присуството на малигни клетки насекаде низ телото и дава резултати за помалку од 10 минути.
Тестот се базира на радикален нов пристап за откривање на ракот што би можел да го направи рутинскиот скрининг за оваа болест доста едноставна процедура за лекарите.
- Главната предност на оваа техника е тоа што е евтина и лесна за употреба, за на клиниките лесно да се усвои во практика - вели Лора Караскоса, истражувач на Универзитетот во Квинсленд.
Тестот има чувствителност од околу 90 отсто, што значи дека може да открие околу 90 од 100 случаи на рак. Би можел да служи како првична проверка за рак, при што лекарите ќе ги следат позитивните резултати со пофокусирани истражувања.
Фото: Freepik
- Нашата техника е алатка што докторите може да ги информира дека пациентот потенцијално има рак, но потребни се подетални анализи за да се идентификуваат видот на рак и фазите во кои се наоѓа - вели Караскоса.
Тим на истражувачи од Квинсленд открил дека ДНК со рак и „нормалната“ ДНК различно се задржуваат на металните површини. Токму ова им овозможило да го развијат тестот што ќе разликува здрави клетки од клетките на ракот, па дури и врз основа на мали примероци на ДНК што се наоѓаат во крвотокот.
Научниците сега работат на клинички испитувања кај пациенти што имаат поширок спектар на видови рак.
За човек да се тестира за рак денес, докторите мора да направат биопсија од ткивото на туморот на пациентот. Процедурата е инвазивна, а пациентот ја добива само тогаш кога ќе забележи некаква грутка или симптоми што за неговиот матичен доктор се алармантни како потенцијален знак за рак. Помалку инвазивен тест кој има потенцијал порано да го открие ракот може да го трансформира начинот на кој се врши скрининг на пациентите за болеста.
- Тестот би можел да се направи во комбинација со други едноставни тестови и да стане моќна дијагностичка алатка што не само што ќе каже дека пациентот има рак, туку и кој вид рак и кој стадиум - вели Караскоса.
Гед Брејди од Институтот за истражување на ракот во Манчестер вели дека ова е голем чекор во дијагностицирањето на туморот со примерок од крв и отвора можности за создавање тест за откривање на
рак. Како што вели тој, потребни се понатамошни клинички испитувања за да се процени целосниот потенцијал на методот.