X
 06.02.2019 Наша тема

Никој подобро од него не ги лови убавините на Охрид!

Далеку од тоа дека убавината на Охрид доволно се користи за промоција. Градот има потенцијал да живее со туристи 365 дена во годината. Летото е само една сезона, а и таа е максимално искористена можеби само еден месец. Охрид не се само плажите за капење и сончање

Убаво е чувството кога работите нешто локално, а некој глобално ве следи. Изговори од типот „бидејќи сум во Македонија или во мало место, не можам да направам многу“ не поминуваат кај мене. Напротив, денес многу работи ни се достапни. Не треба да поминеме стотици километри за да постигнеме нешто - вели Стојан Стојановски, фотограф, веб-дизајнер од Охрид, за кого градот-бисер е вечна инспирација.


Фотоамбасадор на градот

Неговите фотографии се вистински амбасадори на Охрид. Фотографија од Охрид во зимска идила на неговиот фејсбук-профил достигна 8.500 лајкови и повеќе од 1.800 споделувања.

Има 31година и нè заинтригира со својата посветеност кон фотографијата. А почнал речиси случајно. Пред 18 години почнал да изучува веб-дизајн. Дизајнирал веб-страници за туризам и вели дека добри фотографии му биле неопходни, а такви тешко стигнувале до него, или жаргонски кажано, биле како свадбарски.


- Речиси 15 години активно сум посветен на фотографијата. Почнав со веб-програмирање, потоа и графички дизајн, но најголем интерес имам за фотографијата, астрофотографијата и видеопродукцијата - појаснува Стојан.

Наградувани фотографии

Негова фотографија од метеор од Персеидите над Галичица е објавена во издание на најчитаниот светски портал за астрономија Space.com.


- Едукацијата и информациите се достапни за сите. Особено кога нешто се работи, пред сѐ, со љубов, коцките се спојуваат. Приказната со астрофотографијата во светот започна случајно по фотографирање на астрономски настан од Охрид и поставување мои фотографии во 2005 година на интернет. Оттогаш ме контактираат повеќе светски медиуми за да ги преземат моите фотографии. Оттогаш, до ден-денес ја имаме истата соработка и гледаме да бидеме поактивни и понапредни, иако во делот со астрономијата не сме биле помогнати од трети лица и покрај тоа што овој дел носи огромна промоција на Охрид во светот - вели Стојан.




Стариот град – омилена локација

Стариот град на Охрид му е омилената локација за снимање. Вели дека никогаш не му е здодевно да фотографира таму.

- Секогаш изненадува колку може едно исто место да изгледа различно секој ден, секоја сезона, од залез до изгрејсонце. Ја сакам и Галичица поради панорамските фотографии од Охрид, но и астрофотографијата поради слабата светлина. Оттаму се доловува целата природа што е во и околу Охрид. Секојпат кога се качувам и фотографирам е инспиративно, особено зајдисонцето. Во различни периоди од годината има различни експлозии од бои, што секогаш дава различна фотографија и различен поглед кон Охрид. Налето сакам да го фотографирам најмногубројниот метеорски дожд во годината кој од Галичица може да се долови во вистинска смисла на зборот дожд - вели фотографот.




Стојан е поборник за што поголема промоција на Охрид и често и јавно ги споделува своите ставови во врска со ова прашање.

- Далеку од тоа дека убавината на Охрид доволно се користи за промоција. Охрид има потенцијал да живее со туристи 365 дена во годината. Летото е само една сезона, а и таа е максимално искористена можеби само еден месец. Охрид не се само плажите за капење и сончање. Има многу други атрибути што мора да се разоткриваат и развиваат ако сакаме сериозен туризам - категоричен е Стојановски.

Инспирација за помладите

Најтешко прашање на секој фотограф е „Која ти е најдрага фотографија“, но Стојан се одлучи за фотографијата со сонце и авион кој слетува над езерото.



Една од омилените фотографии на Стојан

- Ја фатив случајно додека бев на плажа и фотографиравме нешто сосема друго. Фотографии со авион на сонце и месечина одамна ми се ставени на листата, но ваквите видови фотографии се многу тешки за реализација бидејќи зависат од повеќе фактори врз кои немаме никаква контрола. Како што знаеме, охридскиот аеродром и не е многу активен за да имаме летови на секои 5-10 минути или час, па да имаме повеќе шанси. Залезот во денот е тој, а локацијата да ги погодиш сите работи во едно е исто така тешка за пресметување. Ведро небо, доцнење на авионот, висина и слично - објаснува тој.




Стојан им е инспирација на помладите кои, поради него, сакаат да изучуваат фотографија. Заедно со својот тим тој реализира и преноси во живо од разни културни, спортски настани.

Овој фотоавантурист не мирува. На прашањето на што би се фокусирал годинава, вели:

- Сакам различни делови од локалниот туризам да ги спојам во една платформа. Не можам да споделувам многу детали бидејќи сѐ уште се во тек концептот и реализацијата. Покрај фотографијата како добра промоција за Охрид, сакам да преминам на следно ниво, кое вклучува повеќе од добра фотографија.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема