X
 02.07.2024 Живот

Ѓоко Танески ќе си ја оствари желбата за солистички концерт во родниот Охрид: „Очекувам полн Антички театар и публика која ќе се забавува“

Македонската музичка ѕвезда, охриѓанецот Ѓоко Танески на 20 јули во својот роден Охрид, пред своите сограѓани и туристи, ќе одржи солистички концерт во организација на „Фреш-унион“.

Концертот се случува по повод 30 години успешна музичка кариера, а ќе се одржи во прекрасниот Антички театар. На сцената ќе го придружува Битолскиот камерен оркестар, а гости ќе му бидат македонски интерпретаторски бисер Драган Мијалковски и продуцентот Никола Мицевски.

Со овој концерт Танески конечно ќе си ја оствари желбата да има вистински солистички концерт во родниот Охрид. Вели дека 30 години го чекаше тоа, а сега сонот му станува јаве: „Дојде време да си го остварам детскиот сон“, задоволно порачува поп-пејачот.

- Ова е прв мој концерт со камерен оркестар со кој сакам да го одбележам мојот јубилеј - 30 години музичка кариера, а втор солистички концерт пред моите охриѓани. Ова ми беше сонот, да настапам на една таква голема сцена. Очекувам Античкиот театар да се наполни и публиката да се забавува. Ќе го одбележам концертот со видеозапис, ќе го снима Македонската телевизија, со што би оставил печат во македонската музика бидејќи 30 години не се малку. Годинава ќе ми биде прв концерт, не сум направил солистички концерт од 2010 година иако во меѓувреме постојано настапував - изјави Ѓоко Танески за „Факултети.мк“.



На концертот на 20 јули Танески ќе ги пее сите свои хитови: „Збогум најмила“, „Мој пријателе“, „Никогаш доста“, „Цветај расцветај“, како и евровизиската „Јас ја имам силата“, со која ја претставуваше Македонија на Евровизијата во Осло во 2010 година. Покрај забавните песни, Танески ќе пее и некои староградски, охридско-трубадурски, како „Ти“ и „Една љубов имам“.

„Го нарекуваат човек глас, пејач со глас од Бога даден за опејување на можеби најубавите балади… глас кој ги топли душите и ги милува срцата, па затоа на сцената на Антички очекувајте незаборавна вечер полна со добра музика, многу емоции и срце на тацна, онака како што тоа го прави Ѓоко. Концертот на Антички е со почеток во 21:00 часот, а на сцената освен што ќе биде придружуван од Камерниот оркестар од Битола, ќе бидат присутни и неговите специјални гости Драган Мијалковски и Николче Мицевски“, стои во најавата на грандиозниот концерт.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот