X
 23.12.2022 Култура

„Форбс“: Ова се најубавите градови за посета на Балканот. Меѓу нив и еден во нашата земја

Живописните плажи, високите планини и многубројните историски атракции се само дел од она што може да се открие и истражува на Балканот. За разлика од Сплит и Дубровник, кои станаа популарни дестинации за американските туристи во последните десет години, во регионот има и други, исто толку интересни градови кои не се дел од масовниот туризам.

Американскиот магазин „Форбс“ на своите читатели им предложи токму такви градови да ги посетат.

Варна, Бугарија


Варна често е во сенка на главниот град на Бугарија, Софија, што е вистинска штета. Американскиот магазин „Форбс“ тврди дека овој град има многу атрактивен атрибут: се наоѓа на брегот, поточно на западниот раб на Црното Море. Во сончев летен ден градската плажа со бел песок е совршено место за капење и сончање. Има и голем број хотели и ресторани, а вреди да се посети и блискиот Археолошки музеј Варна, кој крие некои од најпознатите примероци на златни богатства и антички накит.

Берат, Албанија


Албанското крајбрежје е преполно со мали идилични села и градови кои воодушевуваат на прв поглед. Живописниот Берат е едно такво место. Се наоѓа на југот на Албанија на брегот на реката Осум и во подножјето на планината Томор. Поради уникатната убавина и богатата мешавина на различни архитектонски стилови, Берат е прогласен за град-музеј, и е вклучен во листата на светско наследство на УНЕСКО во Европа. „Форбс“ предлага никогаш да не заборавите да го посетите замокот Берат, кој вклучува неколку камени градби кои датираат од 13 век.

Добој, Босна и Херцеговина

Ако се најдете во Босна и Херцеговина, магазинот „Форбс“ советува да го посетите историскиот град Добој, кој е дом на фасцинантна вековна атракција - тврдината Добој, која првично била изградена во 13 век, но била реконструирана 20 пати во текот на годините. По еден ден поминат во истражување на тврдината и локалната кујна, упатете се кон блиското Горанско Езеро и уживајте во прекрасната природа.

Ниш, Србија


Ниш е еден од најстарите градови на Балканот. Археолошките докази покажуваат дека тој бил населен уште во палеолитскиот период и е трет најнаселен град во Србија. Од него потекнуваат неколку римски императори, меѓу кои и Константин I Велики. Овде можете да истражувате голем број историски градби и споменици, а „Форбс“ препорачува да ја посетите тврдината Ниш, како и Ќеле-кулата со черепи на српските бунтовници вградени во ѕидовите на овој споменик од 19 век. Не заборавајте да ја истражувате и локалната кујна: во центарот на градот има добри модерни ресторани со локални специјалитети.

Охрид, Македонија


Овој културен и природен бисер се наоѓа на североисточниот брег на Охридското Езеро. Охрид има многу културно-историски споменици, меѓу кои и значителен број стари цркви изградени во византиски стил. Благодарение на близината на прекрасното Охридско Езеро, овде ќе најдете голем број автохтони видови риби и растенија. Љубителите на природата дефинитивно треба да го истражуваат блискиот национален парк Галичица.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура