X
 06.02.2021 Образование

Кина бара од младите мажи помалку да се феминизираат

Последното известување од министерството за образование во Кина предизвика бурни реакции во земјата и низ светот. Во него се посочува дека младите кинески мажи станале феминизирани.

Во известувањето, објавено минатата недела, се предлага да се спречи феминизацијата на машките адолесценти преку реформи во физичкото образование и вработување пензионирани атлетичари како наставници и професори. Во текстот се советува воведување повеќе активности за развивање на телото во физичкото образование, како фудбал, за „зачувување на машкоста на учениците“.


Фото: Pixabay

Политичари во Кина претходно зборувале за трендот на „феминизација“ на младите мажи во Кина, претставувајќи го како закана за преживувањето и развивањето на кинеската нација. Политичарот Си Зефу минатиот мај изјавил дека домашната околина е делумно виновна за ова бидејќи повеќето кинески момчиња се воспитани од нивните мајки или баби. Освен тоа, се обвинуваат и машките славни личности на кои се угледуваат младите, а тоа прави тие повеќе да не сакаат да бидат „воени херои“, според Зефу.

Генерално, кинеската јавност негативно реагирала на известувањето, иако дел ја поддржуваат иницијативата, а стотици илјадници реагирале на социјалните мрежи.

- Има 70 милиони мажи повеќе отколку жени во земјава. Ниту една земја во светот нема толку деформиран однос. Тоа не е доволно мажествено? - напишал корисник на социјалната мрежа „Веибо“.


Фото: Pixabay

Поддржувачите посочуваат кон младите музички ѕвезди кои најчесто изгледаат чисто, негувано и имаат нежни одлики како пример на кој се угледуваат машките адолесценти.

Во предлозите од министерството експлицитно се споменува фудбалот, а тоа не треба да изненадува. Претседателот Си Ѓинпинг зборувал дека се надева дека Кина ќе стане светска суперсила во фудбалот до 2050 година, пренесува Би-би-си.

Автор: Кери Ален
Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование