За кратко време коронавирусот го промени начинот на кој живееме, работиме и се движиме, а на сите тие промени се приспособивме на различни начини, при што најчесто технологијата е таа што ни помага.
Ова особено се однесува на образованието бидејќи наставата во училниците и на факултетите се пресели онлајн. Искуствата од ваквата настава се различни, додека некои се задоволни бидејќи децата и младите сепак можат да го добијат своето образование и покрај фактот што мора да бидат дома, голем дел од наставниците, учениците, студентите и нивните родители не се задоволни.
Ова особено се однесува на студентите во САД, кои плаќаат голема годишна школарина. Во вообичаени околности оваа школарина вклучува настава во рамките на кампусот, предавања, можности за користење библиотека, лабораторија, работа на проекти, но и целокупното искуство што го носат дружењето, спортските активности и слично. Но, бидејќи вирусот го забрани сето тоа, на студентите им останува само да следат настава онлајн. Можноста на студентите е ограничена, искуството е полошо, а единствено што остана исто е цената на школарината.
Поради ова, сè поголем број студенти и нивните родители размислуваат за покренување тужба против универзитетите и сметаат дека ако не можат да го понудат она за што платиле, треба да ја приспособат и својата цена. Освен што ги немаат споменатите можности кои се поврзуваат со студентскиот живот, дел од студентите не се задоволни ниту од
онлајн-наставата.
Фото: Unsplash
Студентите не се задоволни бидејќи некои од професорите ги снимаат предавања, а подоцна студентите само ги гледаат и не можат активно да учествуваат. Дури и на оние предавања во живо на кои студентите можат да учествуваат и комуницираат, искуството не е ни приближно исто како во предавалните.
Универзитетите, пак, сметаат дека не е примерно да се разговара за тужби по само неколку недели од почетокот на карантинот и нагласуваат дека професорите и сите вработени на факултетите напорно работат за да испорачаат квалитетно онлајн-образование, исто како студентите да се во предавалните.
- Нема сомнение дека е различно и дека не е идеално. И ние би сакале студентите да се во нашите кампуси, но истовремено се наоѓаме среде пандемија - вели Кен Меконелог од Универзитетот во Колорадо. Тој смета дека причина за тужбата со која се закануваат студентите се адвокатските друштва кои сакаат да ја искористат ситуацијата и да заработат.
Но, адвокатите имаат различна приказна и сметаат дека ако за цената на школарината не може да се испорача услугата за која студентите платиле, тогаш универзитетите треба да вратат дел од парите.
Бруцошот Грејнџер Рикбајер, кој поднел тужба против Универзитетот „Дрексел“ во Филаделфија, вели дека онлајн-часовите на интернет се ужасно лоша замена за предавањето во предавалните. Како што вели тој, има малку интеракција со студентите и професорите, а некои професори испраќаат само претходно снимени видеа, без предавање или дискусија во живот.
- Ова не е искуството што јас би го добил ако би бил на кампусот - вели Рикбајер.
И другите студенти известуваат за слични искуства. Студентите од Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија велат дека некои професори само прикачуваат задачи без никакви видеоупатства. Други студенти од Универзитетот „Вандербилт“ велат дека квалитетот и академската строгост значително се намалени.
Во друг случај против Универзитетот „Пурдју“ еден студент-апсолвент по инженерство вели дека карантинот го спречил да го заврши својот проект - создавање авион.
- Ниту едно онлајн-предавање не може да го симулира применливото искуство во реалниот свет - вели тој, надевајќи се дека ова искуство би го добил токму од проектот.
Извор:
Apnews.com