Омилени ликови му се Хомер и Барнс, а помалку ги сака Пети и Селма. Неговото име и понатаму стои на шпицата, и по 18 години откако престанал да пишува епизоди. Тоа е Џон Шварцвелдер, легендарниот сценарист на „Симпсонови“.
Шварцвелдер се смета за еден од „најголемите умови во комедијата на сите времиња“. За него се знае дека живее повлечен живот и никогаш не дава интервјуа, а во јавноста има само неколку фотографии од него. Во некои епизоди на „Симпсонови“ се појавувал неговиот лик како споредна улога, а неговиот глас може да се слушне само во една епизода со коментари на сценаристите (онаа за семејството Кертриџ) од деветтата сезона.
Фото: Џон Шварцвелдер како лик во епизода/Youtube
Тој е роден во 1949 година во Сиетл, а работел како автор во рекламна агенција, подоцна и во емисија пред да биде ангажиран како сценарист во „Симпсонови“. Оттогаш напишал 59 епизоди, повеќе од кој било сценарист во историјата на оваа серија.
Негова специјалност во „Симпсонови“ било создавањето мрачни и чудни ликови од минатото, како скитник што свири бенџо, играч на бејзбол од 19 век, деца од карневал и старец без панталони што пеат. Ја напуштил серијата во 2003 година, а оттогаш напишал и објавил 13 романи. Повеќето од неговите книги се за неспособен приватен детектив и повремен временски патник наречен Френк Барли.
Мајк Сакс од „Њујоркер“ се допишувал со Шварцвелдер, кој прифатил само затоа што во „Њујоркер“ пишувале многу автори кои тој ги сакал додека растел.
Шварцвелдер му открил на Сакс дека додека растел, не познавал ниту еден писател, па затоа луѓето не го разбирале сериозно кога им кажувал дека сака да заработува пишувајќи комедии. Уште додека работел во рекламната агенција, тој се пријавувал на огласи за работа на телевизиски емисии бидејќи му изгледале позабавни. Се пријавил и да работи за Дејвид Летерман и по многу проблеми стигнал до интервју со водителот, кое не поминало најдобро.
Додека работел за емисијата „Сабота навечер“, напишал и своја серија, „Жени во затвор“, а потоа и „Диктатор“ и „Господин претседател“.
Тој добил можност да пишува за „Симпсонови“ на крајот од 80-тите години, односно во почетоците на серијата. Шварцвелдер открил дека сценаристите навистина имале целосна слобода на пишување. Телевизијата не можела да се меша на никој начин поради договорот со продуцентот Џим Брукс.
Во пишувањето, Шварцвелдер и другите сценаристи се обидувале да се насмеат себеси и не размислувале за публиката.
- Писатели на комедии. Тоа беше публиката. За среќа, на многу други, деца и возрасни, им се допаднаа истите шеги како и нам - изјавил Шварцвелдер.
Тој нема омилени епизоди од сите 59 што ги напишал, но има такви во кои секогаш ужива додека ги гледа, како „Непријателот на Хомер“, „Хомер против осумнаесеттиот амандман“ и „Барт добива слон“. Омилени ликови му се Хомер и Барнс, а Пети и Селма помалку ги сака. Тој ја потврдил и приказната дека го замислувал Хомер како големо куче што зборува.
По „Симпсонови“, Шварцвелдер почнал да работи на сопствена серија, „Пистол Пит“, која е пародија на вестерн-филмовите. Серијата никогаш не била прикажана, а била снимена само пилот-епизода.
Од 2004 година објавува свои романи за приватниот детектив Френк Барли. Кога сега мисли на „Симпсонови“, сака да верува дека таа серија создала генерации паметни луѓе.
- Ако тоа е сè што сме постигнале, не сметајќи ги милијардите долари што ги заработивме, задоволен сум - заклучува тој.
Автор: Матија Јовандиќ
Извор: nova.rs