X
 23.03.2021 Наша тема

Роберт Насков, продуцент: „Зоки Поки“ е наш бренд со кој децата се соживуваат, ќе биде голем неуспех ако не продолжиме да ги забавуваме

Голема е одговорноста кога им влегувате на луѓето дома. Секогаш постои можност да не ви дозволат да останете и да ве избркаат со далечинскиот управувач доколку не сте интересни и не успевате да им го задржите вниманието, вели Насков

Иако поминаа десетина месеци од премиерата на „Зоки Поки“, серијата сѐ уште е актуелна. Репризите се гледаат, а и странскиот пазар го препозна квалитетот. Со универзалните теми, фокусот на вистинските вредности, слаткиот хумор, искрените дијалози, шармантната актерска екипа, „Зоки Поки“ ги придоби и децата и возрасните. Стана задолжително ТВ-четиво. Прикажувањето на серијата на скандинавската територија е историски успех за „Кино око“ и македонската продукција. Голема работа е да ги задоволите највисоките стандарди за детска програма во земјите каде што овој вид програма е дел од образовниот систем за кој знаеме дека е најдобриот во светот. „Зоки Поки“ успеа бидејќи се занимаваше со универзални теми, смета продуцентот Роберт Насков, кој со рафинирано избрана екипа успеа да спакува еден врвен производ и бренд.
Но, неубавата вест е дека и покрај подготвените нови епизоди и цела нова сезона, засега нема интерес за нејзино продолжување. Нивните барања засега не добиваат повратен одговор. Останува да се надеваме дека некој ќе ги препознае важноста и неопходноста за квалитетна македонска детска продукција, на македонски јазик, особено кога станува збор за продукт од рангот на „Зоки Поки“.



„Зоки Поки“, освен што е задолжителна лектира, стана и задолжителна серија... Каква мисија ѝ дадовте на оваа детска едукативно-забавна серија?

- Идејата за создавање на серијата дојде како резултат на недостигот на квалитетна драмска програма за деца. Уште на почетокот заедно со креаторите на серијата - Александар Поповски и Марија Апчевска - сакавме таа да се занимава со универзални вредности кои се малку подзаборавени, вредности кои не познаваат време и простор и кои ќе побудат интерес кај децата. Сакавме да укажеме дека треба да постои еден детски свет кој нуди топлина и сигурност и во кој има место за секое дете. Сето тоа успеавме да го постигнеме заедно со останатиот дел од креативната екипа, сценаристите Билјана Црвенковска и Сашо Кокаланов и режисерите Даријан Пејовски и Радован Петровиќ.

Успеавте да го заинтригирате секое дете, да му го задржите фокусот во овој хиперактивен свет... Со што „Зоки Поки“ успева да им се допадне ама баш на сите?

- Серијата жанровски е конципирана како фамилијарна. Сакавме децата и родителите заедно да поминат квалитетно време пред екраните и потоа да разговараат за темите што биле застапени во епизодата. Внесовме и носталгични елементи за да се вратиме и во времето на родителите и тие да можат на децата да им раскажуваат за нивното детство. Сите сме емотивно врзани за вонвременското дело на Оливера Николова и ликот на Зоки Поки. Верувам дека секој гледач успеа да си најде свој дел од серијата.



Со шарм, естетика, високи вредности, мегаквалитет ја освои домашната публика, но успехот ги премина границите. „Зоки Поки“ ќе се емитува во Шведска и во Норвешка. Како успеа оваа култна серија да се најде на странскиот репертоар и да ги задоволи скандинавските стандарди?

- Прикажувањето на серијата на скандинавска територија е историски успех за „Кино око“ и македонската продукција. Голема работа е да ги задоволите највисоките стандарди за детска програма во земјите каде што овој вид програма е дел од образовниот систем, за кој знаеме дека е најдобриот во светот. „Зоки Поки“ успеа бидејќи се занимаваше со универзални теми, помалку заборавени вредности и проблеми кои се дел од светот на децата насекаде во светот. Уредниците на шведската и на норвешката национална телевизија го истакнаа кастингот кој заедно со режисерите го направи Киријана Николоска, визуелниот изглед на серијата за кој се заслужни директорот на фотографија Кристијан Војдановски, сценографот Иван Бартлинг, костимографот Жаклина Крстевска и креативниот директор Ивица Спасовски, како и музичкиот дел кој е дело на Александар Пејовски, Александар Митевски и Игор Василев-Новоградска. Тие, покрај тоа, упатија позитивни зборови за родовата еднаквост, за поделбата на домашните обврски помеѓу родителите, за односот на бабата со главниот јунак, за мајката како силен карактер...
Голема заслуга за прикажувањето на серијата во Скандинавија има дистрибутерот Videoplugger Ltd. од Лондон, кој многу веруваше во интернационалниот потенцијал на серијата.

Во време кога децата растат со огромна понуда од странска продукција, со странски херои, успеавте буквално да им влезете дома и да им сервирате комплетно домашен производ со сите нишани. Од каква важност е домашната продукција? И како да се поттикне?

- Голема е одговорноста кога им влегувате на луѓето дома. Секогаш постои можност да не ви дозволат да останете и да ве избркаат со далечинскиот управувач доколку не сте интересни и не успевате да им го задржите вниманието. Ова особено важи за децата, кои имаат голем број други можности како да го поминуваат слободното време. Бевме сигурни дека децата сакаат јунаци кои ќе им зборуваат на македонски јазик, дека сакаат ликови со кои ќе можат да се поистоветуваат, ликови кои ќе бидат нивни идоли. Позитивните реакции на децата и родителите покажуваат дека сме биле во право. Многу сум среќен што децата ги препознаа вредностите што сакавме да им ги претставиме и што со серијата успеавме да влијаеме врз нивното воспитување, да ги подучиме за одредени образовни теми и социјални појави во нашето општество за кои потоа ќе можат разговараат со нивните родители.
Домашната продукција е од исклучителна важност и за тие што ја произведуваат и за тие што ја консумираат и затоа мора континуирано да се стимулира и поттикнува. Тоа мора да го направи државата со стратегија во која ќе ги вклучи сите што се инволвирани во нејзиното создавање.



Преточена низ современи дијалози, безвремената лектира на Оливера продолжува да пулсира и да раскажува приказни од животот. Кога ќе направите една брза ретроспектива, што ја направи серијата „Зоки Поки“ квалитетен производ и успешен бренд?

- Веднаш на почетокот заедно со креативниот дел од екипата се договоривме дека ќе го третираме „Зоки Поки“ како наш бренд и пристапот кон снимањето на серијата ќе биде филмски, без разлика што се работи за телевизиски производ. Токму квалитетот на продукцијата е еден од квалитетите што ги потенцираа луѓето од националните телевизии на Шведска и на Норвешка. Тоа е заслуга на целата екипа, која со својот професионален пристап и позитивна енергија успеа да направи квалитетен производ кој е препознаен и во земјите со највисок квалитет на продукција.

Направивте голема инвестиција во детскиот емотивен и едукативен свет... Се вреднува ли ова непроценливо богатство во матичната држава? Се поддржуваат ли вакви забавно-хумани проекти? Колку државата има слух за поддршка на детската продукција?

- За жал, нема голема поддршка и не се вреднува на начин на кој тоа би било вреднувано во друга држава. Неверојатно е како немаме однос и не знаеме да ги чуваме и негуваме нашите вредности и брендови. Некако се потврдува дека во нашата држава не се простува успехот. Доказ за тоа е и серијата „Зоки Поки“, која и покрај големиот интернационален успех, за жал, нема да има продолжение. Ова е навистина голема штета бидејќи серијата ги надмина границите на драмска серија и стана многу повеќе од тоа. Серијата е голема инвестиција во образовниот и емотивниот свет на децата, кој многу ни недостига. Од сите нас зависи дали оваа идеја ќе продолжи да живее понатаму. „Зоки Поки“ е наш бренд со кој децата се соживуваат и поистоветуваат и ќе биде голем неуспех ако не продолжиме да ги забавуваме, едуцираме и воспитуваме и на овој начин.



Зад успешно реализиран проект стои високо мотивирана екипа, креативност вклучена на најјако, силна продукција, финансии... Колку финансиите се битни за финалниот проект да биде спакуван најдобро што може?

- Серијата ја финансираа Агенцијата за филм на Македонија, Македонската телевизија и спонзори кои го најдоа својот интерес во продукцијата на оваа серија. Финансиите се важен предуслов за квалитетен производ, но не и најважниот. Потребни се голема љубов, посветеност и знаење за да може финалниот производ да биде квалитетен и да ги задоволи светските стандарди. Можете да ги имате сите пари на светот, но тоа не значи дека тоа е гаранција за успешен и квалитетен производ.



Универзалноста на серијата, секојдневните приказни, акцентот ставен на вредностите на детството ја прават интересна за сите децата и возрасни. Првата сезона помина повеќе од успешно. Споменавте дека се готови сценаријата за втората сезона. Кои прашања и теми остануваат да се начнат? И до каде е реализацијата на втората сезона?

Темите се неисцрпни и како што децата растат, така имаат различни интереси и проблеми со кои се соочуваат. Идејата на серијата беше да ги следи главните јунаци како растат и да се занимава со нивните проблеми, дилеми, успеси, разочарувања... Секој период од нивното созревање носи теми и размислувања за кои вреди да се раскажува.
За жал, реалноста е спротивна на очекувањата на гледачите – се чини дека колку е поголем успехот на серијата, толку се помали шансите за продолжение. „Кино око“ аплицира во Македонската телевизија со десет нови сценарија на Билјана Црвенковска и Сашо Кокаланов, но сè уште немаме никаков одговор. И покрај првичната заинтересираност од нивна страна, сега наидуваме на игнорирање на нашите барања за повторна соработка. Македонската телевизија има обврска кон граѓаните да финансира образовна и драмска детска програма. Успехот на серијата е заеднички на сите што учествуваа во нејзината реализација и се надевам дека ќе се најде начин за финансирање на втората сезона, на голема радост на нашите деца.
Подготвил: Сања Јачевска / sanja.jacevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема