X
 06.06.2024 Живот

Французите создадоа поштенска марка што има мирис на познатиот француски леб - багет

Љубовта што Французите ја имаат кон храната и пијалаците е надалеку позната, па баш и не изненади информацијата дека неодамна претставија нова поштенска марка со нивниот познат француски леб - багет.

И како самата поштенска марка да не е доволно автентична, има едно нешто што ја прави уште попосебна. Имено, Французите решиле од неа да направат мал сувенир кој мирисот на свежо испечен багет ќе го пренесе на другиот крај на светот.

Иновативен дизајн

Тие дизајнирале поштенска марка која може да се изгребе и помириса, така што, без разлика каде пристигнува писмото, барем за момент може да се почувствува како да стои во средината на пекарница на Елисејските полиња.

- Багетот, лебот на нашето секојдневие, симболот на нашата гастрономија, бисерот на нашата култура - стои во описот на поштенската марка, а на веб-страницата на Француската пошта е објаснето и дека багетот се состои од малку состојки, но неговото производство е доста сложено. Од мерење, мешање, ферментација и обликување до правилни услови за печење, сите овие чекори треба да се усовршат за да се добие производ со кој Французите се толку горди и чија подготовка се пренесува од генерација на генерација.

- Багетот е носител на културата и обичаите, длабоко е вкоренет во секојдневниот живот на Французите. Одењето во пекарница е еден вид ритуал - објаснуваат од Француската пошта.

Ограничено издание


Поштенската марка е наменета само за меѓународни пратки со тежина од околу 200 грама и може да се купи во француските пошти и киосци за помалку од 2 евра. Исто така, важно е да се напомене дека доаѓа во ограничена количина од околу 600.000 парчиња, па доколку деновиве се најдете во Франција и наидете на неа, не пропуштајте ја можноста, напишете писмо, и ставете ја поштенската марка на пликот.

Извор: 24sedam.rs
Фото: La Poste
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот