Научниците од рускиот Универзитет „Сеченов“ ја истражуваат ефикасноста на тренингот за обновување на чувството за мирис кај лица со постковид-синдром, за кои моментално не постојат лекови или третмани, соопшти универзитетот.
- Тренингот за олфакторните сетила е третман без лекови за пациенти со олфакторни нарушувања. Со оваа метода пациентите неколку пати дневно, по 10 секунди, вдишуваат по четири различни мириси - се наведува во соопштението на Универзитетот „Сеченов“.
Оториноларинголозите ја усовршиле оваа метода користејќи автоматизиран хардверски и софтверски систем за „доставување мириси“. Системот испушта мириси во определен редослед, а за време на тренингот пациентот изведува неколку вежби за да ги препознае и разликува мирисите.
Методот вклучува и електроенцефалографија (EEG). Оваа техника помага во објективна оцена на промените што се случуваат во мозокот за време на олфакторниот тренинг.
- Кога го тестираме пациентот и го прашуваме дали го детектира мирисот, тоа сè уште е субјективна процена на ефикасноста. На EEG можат да се идентификуваат различни обрасци. На пример, промени во ритмите што се одговорни за вклучување во процесот на тренинг, што подоцна влијае врз исходот на лекувањето - објаснува оториноларингологот и доцент на Катедрата за болести на уво, нос и грло на Универзитетот „Сеченов“, Гаја Лебедева.
Според податоците од анкетата, поголемиот дел од пациентите со постинфективно оштетување на сетилото за мирис пријавуваат промена во својата психоемоционална состојба, вклучувајќи анксиозност и депресија.
- Во моментов не постојат лекови или хируршки третмани за пациенти што го изгубиле чувството за мирис по прележан ковид. Тренингот за олфакторните сетила е единствениот начин да се врати чувството за мирис и богата перцепција на неговата палета. Прелиминарните податоци ја покажуваат ефикасноста на овој тренинг, кој се изучува во нашата клиника. Чувството за мирис кај пациентите се подобрува по седмата сесија, што е многу побрзо отколку кај традиционалниот пристап - вели директорот на Клиниката за уво, нос и грло на универзитетот, Валериј Свистушкин.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik