Пиење чај со талибанците и шетање низ Авганистан во време кога слушаме вести за бесмислените закони што ги воведуваат, веројатно не звучи баш привлечно за никого, па ниту за патувачите кои обожаваат да ги честат следбениците со фотографии од дестинациите што ги посетиле. Но, има луѓе за кои најтешките нешта се предизвик, а Хрватот Кристијан Иличиќ веќе одамна покажа дека е дел од нив.
Кристијан е инфлуенсер кој има посетено повеќе од сто држави и многу места до кои ретко кој стасал.
Деновиве тој е во Авганистан и на социјалните мрежи се пофали дека е првиот турист на светот кој успеал со дрон да го снима минарето Џем, кое е изградено околу 1190 година целосно од печени тули, а е познато по сложената декорација од тули, штуко и глазирани плочки и се состои од наизменични ленти од калиграфија со куфич и наски, геометриски облици и стихови од Куранот. Минарето е прогласено за светско наследство на УНЕСКО, но, според известувањата, му се заканува уривање и на снимките што ги направи Кристијан може да се види дека не е во сјајна состојба.
- Овој локалитет беше недостапен за туристи и само ретки успеаја да го видат. И сега сум тука јас, човек од една мала земја, ни малку важен на картата на светската политика, мал покрај високото, второто најстаро античко минаре на светот - напиша Иличиќ, не можејќи да објасни колку е среќен и воодушевен.
Кристијан го посети и националниот парк Банд-е Амир и објави фотографии покрај тиркизните авганистански езера фотографиран со портпаролот на талибанскиот командант.
Можеби највоодушевувачкиот момент од целото патување на Кристијан е средбата со Халима, жена која ја запознал при посетата пред две години, а која е адвокатка. За многу кратко време тој успеа да собере илјадници долари помош за оваа жена која има четири деца, а нема никакви приходи.
Снимките од Авганистан можете да ги видите на профилот на Кристијан во делот highlights.