X
 19.07.2021 Живот

Пуштив брада за да се вклопам - Хрватот Кристијан Иличиќ е единствениот турист во Јемен

Хрватскиот авантурист Кристијан Иличиќ е еден од најпознатите блогери во регионов, а само на „Инстаграм“ го следат повеќе од 240 илјади обожаватели кои со нетрпение ја очекуваат секоја негова нова авантура. Составен дел од неговата работа е споделувањето фотографии од прекрасните дестинации што ги посетува, а овој пат тој се наоѓа во Јемен.

- Добре дојдовте во „копнен“ Јемен, државата која не личи на никоја друга на светот. Ова е земја на континуирана граѓанска војна, која брутално го разурнува нејзиното ткиво уште од 1962 година. Најлошата граѓанска војна трае од 2014 година, а крајот не се гледа. Тука се одвива најголемата хуманитарна криза на денешницата. На повеќе од 22 милиони луѓе во моментов итно им е потребна хуманитарна или медицинска помош. Насекаде има глад, колера, разурнување... Ова е земја во која добрите и скромни луѓе станале жртви на фактот дека живеат во стратешки важен дел од Земјината топка. Земјата е поделена на јужен и северен Јемен, на југ силно е распространета терористичката организација Ал Каеда. Во земјата војуваат поделени фракции, но тие се само продолжени раце на Саудиска Арабија и сојузниците, од една страна, и Иран, од друга страна. Јемен годишно го посетуваат само неколку десетици авантуристи. На јеменскиот остров Сокотра, кој е посигурна дестинација, годишно пристигнуваат околу 2.000 туристи. Од 2014 година јас сум првиот турист во светот што аплицирал да влезе токму во „копнен“ Јемен, со лет од Каиро за Сајун, без да одам на Сокотра - напиша Кристијан на социјалните мрежи.



Тој во неговите објави детално објаснува колку време му требало да стаса до Јемен и низ какви процедури морал да помине.

- Патувањето во Јемен е исклучително опасно, но не е невозможно. Состојбата е слична како во Авганистан, морате да се облечете како локалците. Пуштив брада за подобро да се вклопам - истакнува Кристијан и додава дека целото патување го поминал со Јеменец, кој бил вооружен и го организирал патувањето така што прво телефонски проверувал дали сè е во ред во местото кое планираат да го посетат, па потоа оделе.



Кристијан објаснува дека секаде се задржувале многу малку за да не привлекуваат внимание и додава дека видел и доживеал нешта како во ниедна друга земја.



Импресиите и снимките од патувањето Кристијан ги објавува на „Инстаграм“ и преку нив можете одблиску да го видите Јемен и да погледнете како се живее таму. Откако ќе ги изгледате снимките, веројатно ќе си помислите дека оваа земја изгледа како отцепена од светот бидејќи нема да видите некој што се занимава со коронавирусот, туку вниманието ќе ви го привлече сеприсутноста на оружјето, ригорозните контроли, претпазливоста да не се привлече внимание итн. Ќе забележите дека Кристијан мора да купи и кошула со долги ракави за да не привлекува внимание со тетоважите на рацете.


За да ги погледнете сторињата, одете на профилот на Кристијан на „Инстаграм“ и побарајте ги во Highlights.

Извор: story.hr
Насловна фотографија: Facebook
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот