Стартапот „Фелдспар“ со седиште во Лондон најави дека ќе ја создаде првата целосно дигитализирана атлетска патека во светот, опремена со многу сензори, модерни технологии и изработена од материјали кои ќе им овозможат на спортистите подобри перформанси. Нивната идеја е да ја донесат првата голема иновација во атлетските настани по 60 години, уште од воведувањето на универзалната површина за трчање - тартанот.
„Дигитален тартан“
Патеката ќе биде изработена од посовремени материјали, со што спортистите подобро ќе ја искористат вложената енергија, односно ќе има поефикасна конверзија на енергијата од вертикално во хоризонтално движење, со што ќе им се овозможи да постигнат поголеми брзини. Но, освен предностите за самите спортисти, подлогата ќе биде опремена и со низа напредни сензори, кои ќе го снимаат секој чекор.
Податоците добиени на овој начин ќе можат да бидат анализирани и презентирани во реално време, па искуството од гледање атлетика ќе биде збогатено со нови детали - на пример, податоци за брзината на секој тркач во реално време, должината на чекорот, вложена енергија и слично.
Креаторите велат дека оваа технологија ќе овозможи подобро планирање и изведување на тренинзите.
Имено, спортистите и тренерите би имале пристап до многу податоци за анализа, па би можеле да ги приспособат своите активности и со тоа дополнително да ги подобрат перформансите и да ја намалат можноста за повреди.
Тестовите на технологијата во реални услови ќе почнат оваа година, а производството на финалната верзија на производот треба да се случи следната година.
Извор: bug.hr
Фото: feldsparsport.com