X
 06.11.2019 Култура

„Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски утре го отвора „Синедејс“

Покрај филмовите за награди во официјалната селекција и во програмата СинеБалкан, „Синедејс“ и годинава ќе има атрактивна гала-програма со најдобри и наградувани филмови на европските фестивали и најнови остварувања на Џим Џармуш, Вуди Ален, Франсоа Озон, Фатих Акин, Роман Полански, браќата Дарден, Педро Алмодовар…

Со премиера на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски, утревечер во 20 часот, во скопското кино „Милениум“ ќе биде отворен 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Затворањето е закажано за 15 ноември со Beyond the Horizon - македонско-швајцарска копродукција со француската актерка Летиција Каста во главната улога.

Покрај филмовите за награди во официјалната селекција и во програмата СинеБалкан, „Синедејс“ и годинава ќе има атрактивна гала-програма со најдобри и наградувани филмови на европските фестивали и најнови остварувања на Џим Џармуш, Вуди Ален, Франсоа Озон, Фатих Акин, Роман Полански, браќата Дарден, Педро Алмодовар…



Во програмата на музичките документарни филмови премиерно ќе биде прикажан филмот „Небеска тема“ посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот и концерт на групата „Звук улице“ – неговиот прв бенд, пред „Идоли“. Премиерата ќе биде придружена со изложбата „Влада“ на фотографката Горанка Матиќ, која ја следела неговата кариера.

Во оваа програма премиерно ќе биде прикажан и македонскиот музички документарен филм „Ќеиф“ во режија на Блаже Дулев, кој го следи развојот на чалгијата во земјава. На проекцијата посветена на чалгиите ќе настапи составот „Чалгии мерак“. Ќе биде прикажан и филмот „Туста“ - посветен на пејачот на групата „КУД Идијоти“, со промоција на книгата „Живот са идијотима“, автобиографска книга на поранешниот басист на панк-составот од Пула – Ненад Маријановиќ, Д-р Фриц, кој и ќе гостува во Скопје за промоцијата на книгата. Во музичката програма премиерно ќе биде прикажан и филмот „Стакло“ во режија на Нина Маџиров, која му го посветува на својот татко, изведувачот Зоран Маџиров.

„Синедејс“ годинава се приклучува кон светското одбележување 50 години од првото емитување на комичната серија Monty Python’s Flying Circus на Би-би-си во 1969, која колективот денес ја презема како годишнина од формирањето на групата со низа специјални настани низ Британија и Европа. На „Синедејс“ ќе има специјални проекции на нивните пет филмски остварувања (And now for something completely different, Тhe Meaning of Life, Live at the Hollywood Bowl, Monty Python and the Holy Grail и Life of Brian). Специјален гостин ќе биде продуцентот Стив Абот, нивни долгогодишен соработник и продуцент на нивните филмски остварувања, на кој на „Синедејс“ ќе му биде врачена наградата за животно дело за неговата работа со Монти Пајтон.

И оваа година македонските кратки филмови ќе се прикажуваат пред филмовите од официјалната селекција и програмата СинеБалкан во киното „Фросина“. Студентската програма има специјално селектирани студентски филмови од регионалните филмски академии, а во рамките на програмата за најмладите повторно се бесплатни проекциите на детски филмови. Новитет оваа година е воведувањето на Програма за млади (тинејџерски филмови).

МК во ЕУ-програмата традиционално ги прикажува најновите европски филмски остварувања во кои македонски продукциски куќи учествуваат како малцински продуценти, а тука ќе бидат прикажани најновото остварување на Дамјан Козоле, „Полусестра“, каде што малцински продуцент се „Сестри и брат Митевски“, „Глас“ во режија на Огнен Свиличиќ, каде што македонски продуценти се „Скопје филм студио“, „Покрај маглата“ во режија на Горан Паскаљевиќ на „Сектор филм“ од Скопје и „Пијавици“ во режија на Драган Маринковиќ, каде што наш малцински продуцент е „Панк филм“.


Сцена од „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски

Покрај наградите за филмовите од натпреварувачките селекции, годинава „Синедејс“ воведува и нова награда – за најдобра филмска музика на авторски филм, а жири ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции.

Ќе има и придружни настани, работилници, концерти, како и специјален настан Off CINEDAYS на 16 ноември, ден по завршување на фестивалот, кога ќе биде презентиран проектот CON FRONT. Фестивалот и годинава соработува со онлајн-платформата CINESQUARE (cinesquare.net) на која ќе бидат достапни филмови од претходните изданија на „Синедејс“.

Билетите за филмовите од гала-програмата се 150 денари, а 100 денари се за проекциите во официјалната селекција, програмата СинеБалкан, музичките документарни филмови (освен тие што ќе се прикажуваат во Џебно кино, кои се бесплатни), и за МК во ЕУ програмата. Останатите проекции се бесплатни.

Организацискиот тим на фестивалот годинава имаше нова комуникациска стратегија и наместо на класична прес-конференција, програмата за „полнолетниот“ „Синедејс“ ја соопшти дигитално, со пренос во живо на фејсбук-страницата на Младинскиот културен центар.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура