Рускиот краток анимиран филм „Без космос не можеме да живееме“ на авторот Константин Бронзит е овогодинешниот добитник за Златната Тула на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“. Македонскиот автор Жарко Иванов ја доби втората награда за својот анимиран филм „Кружното патување на Марето“, додека Бронзената Тула ја доби естонскиот филм „Господарот“ на авторот Рихо Унт.
Специјален осврт од страна на жири комисијата беше направен на анимираниот филм „Девојката што паѓа“ на македонскиот автор Владимир Лукаш. Оваа одлука ја донесе меѓународната жири комисија во состав Марчин Лучај од Полска, Берин Тузлиќ од Босна и Иван Ивановски од Македонија.
Претставник од Градот Скопје во името на Градоначалниот на Скопје додели специјална награда на шпанската авторка Диди Родан, која пред скопската публика направи перформанс во живо во техниката „песочна“ анимација, светска премиера на делото „Легло за тебе.“