На 4.12.2018, во 10 часот, во амфитеатарот на ФЕИТ свечено беше отворена Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“, СКЕЕОР 2018. Конференцијата ќе трае до 7.12.2018, а е организирана од страна на студентите под покровителство на ФЕИТ и Град Скопје. Основната идеја на конференцијата е размена на идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании, со што се прави чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, како две актуелни прашања во светот и кај нас.
Конференција претставува мост помеѓу професионалците и студентите, кои работат заедно на изнаоѓање решенија за одржлив развој и подобра иднина. Ова е единствена можност да се соберат заедно студентите, професорите, експертите и успешните компании кои се професионалци во оваа проблематика со цел размена на искуства и знаења на меѓународно ниво.
На овогодишната конференција ќе учествуваат повеќе од 90 студенти со своите научни трудови, меѓу кои и учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија, Бугарија, како и повеќе од 10 пленарни предавања од реномирани професори и претставници од компании.
Оваа година првпат во рамките на конференцијата ќе се одржи хакатон во просториите на INNOFEIT, посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување успешни бизнис-модели и планови, во соработка со професори, директори од влијателни компании и личности од бизнис-секторот. Целта е да се поттикнат студентите да ги насочат своите идеи и активности кон суштинска имплементација и развивање иновативни бизниси.
Оваа година конференцијата доби поддршка од УКИМ и Градот Скопје, како и од голем број успешни компании и здруженија, меѓу кои МЕПСО, ЕЛЕМ, AmCHAM Macedonia, Mako Cigre, Leks Electric, Макпетрол, Комора на овластени архитекти и инженери, Пако Мак, Feroinvest, Sixt, EVN и многу други што логистички ја поддржаа конференцијата, меѓу кои Скопска Пивара, Кожувчанка, Тиквеш.
Се надеваме дека и оваа година ќе имаме успешна, продуктивна и едукативна конференција.