X
 04.12.2018 Образование

Над 90 труда на шестата студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Повеќе од 90 студенти со свои научни трудови учествуваат на шестата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕОР), која се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

„Сметаме дека е од исклучителна важност да се организира настан чија целна група се студентите, кои како академски граѓани ќе имаат водечки улоги во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој, актуелни полиња со непроценливи можности. Самата конференција има научен и едукативен карактер, со што студентите ги продлабочуваат своите знаења во областите од нивен интерес и тоа соработувајќи со најдобрите стручни лица во соодветните теми на фокус“, потенцира Ангела Најдоска, претседател на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој (СКЕЕОР).

Професорката Маргарита Гиновска, координатор на Конференцијата, истакна дека меѓу студентите има учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија и од Бугарија со свои научни трудови и повеќе од 10 пленарни предавања на реномирани професори и претставници на компании.

„Навистина сум неизмерно задоволна од она што студентите успеваат да го постигнат од научен и организациски аспект. Особена среќа ми претставува тоа што сите овие години имаме одлична соработка и успеваме да организираме сè поуспешна конференција за која има сè поголем интерес. Имаме навистина солидни студенти со огромен потенцијал, кои со моја помош успеваат да го канализираат преку еден ваков уникатен настан. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи уште многу години!“, потенцира Гиновска.



Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во својот говор истакна низа активности кои ги презема Факултетот за енергетска ефикасност и одржлив развој.
„Пред неколку години ја реновиравме фасадата во енергетски ефикасна фасада, сега работиме на реновирање на внатрешната фасада. Инсталиравме систем за мониторирање на потрошувачката на електрична енергија. Исто така, на ФЕИТ во функција се две фотоволтаични централи со вкупна моќност од 22 KW, а планираме да инсталираме уште 28 KW. Континуирано се менуваат светилките со ефикасни светилки, поставуваме сензори за движење по ходниците и водиме сметка за селекција на отпадот“, рече Ташковски.

Студентската конференција ја организираат студентите на ФЕИТ, под покровителство на Факултетот и на Град Скопје. Студентите ги поздрави професор д-р Љубица Јанчева, претседател на Совет на Град Скопје.
„Да се пронајде нешто корисно – ’енергетската ефикасност’, потоа да се искористи во согласност со природата и да се донесе во релација со одржливиот развој, веројатно е големо научноистражувачко задоволство. Но, за актуализирањето на релацијата потребни сте секогаш вие, почитувани претставници од академско научната заедница, но и вие, студенти, кои како млади истражувачи со вашите креативни идеи ќе партиципирате и во актуализирање и во одржување на релација и тоа во локалните одредници, но и пошироко“, вели Јанчева.
Основната идеја на конференцијата е да се разменуваат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании, со што се прави чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, како две светски актуелни прашања на кои интензивно се работи и во Македонија.



Првпат годинава во рамките на конференцијата ќе се одржи хакатон во просториите на ИНОФЕИТ посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување успешни бизнис-модели и планови, во соработка со професори, директори од влијателни компании и личности од бизнис-секторот. Целта е да се поттикнат студентите да ги насочат своите идеи и активности кон суштинска имплементација и развивање на иновативни бизниси.
Конференцијата доби поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Градот Скопје, од голем број успешни компании и здруженија, меѓу кои МЕПСО, ЕЛЕМ, AmCHAM Macedonia, Mako Cigre, Leks Electric, Макпетрол, Комора на овластени архитекти и инженери, Пако Мак, Feroinvest, Sixt, EVN, Усје и многу други, кои логистички ја поддржаа конференцијата, меѓу кои Кожувчанка, Скопска Пивара, Виталиа, Жито Лукс.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование