X
 04.07.2017 Образование

Втора студентска конференција „Студентската мисла во правото, политиката и општеството“

Организатори: 
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Правен факултет
Државен универзитет во Тетово, Правен факултет
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Правен факултет „Јустинијан Први“
Конференцијата се организира во рамките на активностите на проектот: 



Превенција од дискриминација и постапување во случаи на криминал од омраза и говор на омраза (Мисија на ОБСЕ во Скопје) 

Проектот има за цел да го зголеми знаењето и да го подигне нивото на свест кај студентите за појавите и ефектите од дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза, како ѝ да ги претстави придобивките и бенефициите од етничката, јазичната и религиозната различност во општествата.

Датум: 3 октомври 2017 година
Место: Правен факултет (Свечена Сала), Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, ул. Крсте Мисирков ББ, 2000 Штип
Организатор: Правен факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип; Правен факултет, Државен универзитет во Тетово; и Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Научни координатори: д-р Ана Никодиновска Крстевска, д-р Насер Адеми, д-р Лазар Јовевски

Студентите отсекогаш биле движечка сила во општествата и тие играле важна улога во подобрување и во зацврстување на правните и политичките системи на државите. Тие се носители на нови идеи и ги препознаваат празнините и недостатоците во едно општество, врз основа на што пак даваат придонес со нивни креативни решенија за постоечки проблеми и идни перспективи. Ова значење особено им се придава во денешното општество, во ера на интернет и глобализација, каде студентите ја претставуваат врската помеѓу правото, политиката и општеството како во домашната и така и на светската сцена.

Тргнувајќи од тоа, целта на конференцијата е да ги собере на едно место студентите од прв и втор циклус студии, коишто доаѓаат од сите универзитети во државата, државни и приватни, и од кои се очекува да развијат дебати, полемики и дискусии од областите на правото, политиката и општеството, како и да дадат нови погледи, становишта и концепции, и да воспостават различни пристапи кон проучување на истите.

Од областа на правото, на Конференцијата ќе се опфатат теми поврзани со општата теорија на државата и правото, историја на правото, административното право, казненото право, граѓанското право, деловното право, меѓународното право и правото на Европската унија.

Од областа на политичките науки ќе се опфатат теми поврзани со политичките режими, политичките идеологии, политичките партии и избори, човековите права, јавните политики и јавната администрација, колективните безбедносни системи и предизвици во 21-от век, Европската унија како глобален актер, геополитиката и меѓународните односи, глобализацијата и регионализацијата.

Од областа на социолошките науки и комуникологијата, ќе бидат опфатени следните теми: религијата и културата во глобалниот свет, граѓанското општество и општествените движења, етничката припадност, национализмот и колективните идентитети, миграциите, родот и родовиот идентитет, влијанието на медиумите врз општествените промени, транспарентноста и односите со јавност, моќта на информацијата во современиот свет.

Во посебен панел од конференцијата, ќе ги бидат опфатени теми од областа на човековите права, со фокус на анти-дискриминацијата, борбата против говорот на омраза и криминал од омраза.

Поднесување на апстракт
: Се покануваат заинтересираните студенти да поднесат апстракт за учество (max. 500 зборови) и кратка биографија (CV – max. 1 страна), до 25 август 2017 година, на следната e-mail адреса: studentconferenceugd2017@gmail.com .

Публикација:
Трудовите од конференцијата кои ќе добијат позитивна рецензија ќе бидат објавени во меѓународното студентско списание ‘Student’s Social Science Journal’ на Правен факултет – УГД. Учесниците ќе бидат поканети да ги достават своите целосни трудови до 1 февруари 2018 година, за рецензирање. Повеќе детали околу процесот на рецензирање и уредување ќе бидат доставени во подоцнежна фаза.

Работни јазици на конференцијата: Македонскиот јазик е официјален јазик на конференцијата.

Упатство за изработка на трудови (.pdf)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование