X
 06.12.2019 Култура

Некогаш, Скопје беше град на гулаби

Некогаш, Скопје беше град на гулаби. На скопското небо царуваа дунеците, масарките, таклабазите, демкишите, типлерите, азманите..., а на плоштадите минувачите се пробиваа меѓу гулабите-дифтари. За скопјани се велеше дека се или рибари или „голубари“. Генерации скопјани во благородните птици, симбол на мирот, го наоѓаа својот мир. Раатот. Меракот да ги летнат своите гулаби.

Ова е една од приказните за Скопје поставени на неколку локации низ градот во рамките на акцијата за урбаните приказни, пo иницијатива на Центарот за современи уметности - Скопje. Четири приказни за четири локации кои граѓаните сè уште ги паметат. Некои се од времето кога корзото било единственото место каде што си можел да си ја видиш симпатијата, други не толку одамна – кога Рекорд сè уште беше место од каде што почнуваше ноќниот живот во градот.

Урбаните топоними се состојат од култна локација во градот, приказна и скулптура. Скулптурите ги изработија: Андреј Митевски – Срце, за просторот на локација Рекорд, Љубиша Камењаров – Ловец/Волчко, за просторот кај Стар ловец, Александар Наумовски – Гулаби, за просторот во Маџир Маало, Андреј Миневски – Корзо, за просторот на Корзо (Парк на франкофонија).

Во приказните се преплетени локации низ кои дишел градот, навики и обичаи на скопјани во подалечното и поблиското минато. Зборови на жаргон, но и многу историски податоци. Опашки од нив сè уште може тек-тук да се сретнат во Скопје. Како приказната за гулабите.

„Гулаби“ од Александар Наумовски

„И денес, понекогаш, може да се види јато гулаби над Маџир Маало, летнати од некој од последните гулабарници во Скопје. Понекогаш можат да се забележат над последните покриви со црвени ќерамиди на преостанатите куќи во едно од последните скопски маала. Ќе прелета понекој гулаб колку да потсети дека некогаш тука царуваа гулабите. И одлетаа, заедно со маалата и со мирот и спокојот на маалскиот живот“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура