Истражување на Универзитетот во Лунд, Шведска, покажало дека верувањето во теориите на заговор, астрологијата и разните псевдонаучни теории се поврзува со пониска интелигенција и нарцисоидни карактеристики.
Идејата дека движењето на Сончевиот Систем некако влијае врз нашиот живот, астрологијата, датира од предисторијата. Покрај тоа што не се темели на никакви докази, милијарди лица низ светот веруваат во неа, а слично е и со сѐ поприсутните и, за жал, сѐ попопуларни теории на заговор и псевдонаучни теории, кои понекогаш може да бидат и опасни за човековото здравје, па и живот. Шведски научници направиле истражување за типовите на лицата кои се склони кон верување во вакви и сродни тврдења. Истражувањето неодамна било објавено во списанието „Персоналити енд индивидуал диференсес“.
Истражувањето покажало дека постојат одредени врски помеѓу верувањето во хороскопот и пониската интелигенција на лицата што се склони кон тоа, што не било изненадување за научниците. Она што ги изненадило е статистички значителната врска меѓу верувањето во астрологијата и нарцисоидноста на испитаниците.
Истражувањето било правено така што бил направен обид да се стават во корелација верувањето во астрологијата со најчестите карактеристики, па оттаму дошла и врската.
Склоноста кон верување во хороскопот е поврзана и со верувањата во теории на заговор и псевдонаука (која не е толку далеку од астрологијата), па истражувачите заклучиле дека преданоста кон астрологијата можеби и не е толку безопасна и бенигна како што се мисли.
Според резултатите, астрологијата е само првиот чекор што води кон развивање навики на некритичко размислување, прифаќање на туѓите „вистини“ и потенцирање на пристрасноста во други подрачја, што лесно ги доведува луѓето и во посериозни и поопасни заблуди. Исто така, ваквите и слични верувања може да доведат и до зголемување на несогласувањата и нагласување на меѓусебните разлики, односно до поделби меѓу луѓето.
Научниците велат дека токму нарцисоидноста е најголемиот фактор според кој може да се предвиди нечие верување во астрологијата, па во согласност со тоа во насловот на нивниот труд ја додале и реченицата со која се шегуваат дека
„Дури и ѕвездите мислат дека сум супериорен“.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Unsplash