X
 06.12.2021 Живот

Зошто луѓето сакаат да ги гледаат „лошите“ божиќни филмови?

Во моментов на повеќе платформи се нудат божиќни филмови што дефинитивно нема да бидат кандидати за „Оскар“, но сепак многумина ги гледаат. Овие филмови речиси секогаш имаат среќен крај, а приказните во сите се слични и предвидливи.

Некои не признаваат дека ги гледаат ваквите филмови, но ангажманите на платформите да снимаат сè повеќе вакви филмови се доказ за нивната популарност. „Рифејнери 29“ зборува со експерт за ментално здравје за да заклучи зошто луѓето ги сакаат овие филмови.

Нудат бегство од реалноста и сигурност

Разбирливо е дека луѓето сакаат да заборават на проблемите барем на неколку часа, а ваквите филмови може да им помогнат на гледачите да избегаат од реалноста преку ликовите. Според психологот Марни Лишман, колку поимагинативни и понереалистични се филмовите, толку попримамливи се за гледачите.


Лишман додава и дека овие филмови прават да се чувствуваме добро бидејќи луѓето сакаат предвидливост и среќен крај.

Ни даваат надеж

Лошите божиќни филмови се најдобри за многумина бидејќи нудат надеж и ни помагаат да се соочиме со сопствените предизвици. Ваквите филмови несвесно нè водат низ сопствените кризи низ кои минуваме, вели Лишман.


Тие нè враќаат во минатото

Според Лишман, ваквите филмови се полни со носталгични моменти и затоа нè враќаат во детството кога животот бил поедноставен. Музиката во филмовите, која ја слушаме само неколку недели во годината, како и сцените со готвење, купување подароци или дружба со семејството нè потсетуваат на детството, а тоа прави да се чувствуваме добро.

Извор: Refinery 29
Фото: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот