X
 07.01.2021 Живот

Денес се слави Рождество Христово!

Денес е Божиќ или Рождество Христово — денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Христовото рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништлива жед на човекот кон доброто. Верниците се поздравуваат и си го честитаат празникот со: Христос се роди! - Навистина се роди!



Фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ опишал како се слават овие празници. Според текстовите во евангелијата, римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата и секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Во тоа време Палестина била дел од Римската Империја, па Марија и Јосиф тргнале во Назарет да се запишат во Витлеем, бидејќи припаѓале на родот Давидов.



„Кога пристигнале во Витлеем, за нив немало место во гостилниците и куќите зашто многу народ дошол за пописот. За да им помогнат, некои добри луѓе ги упатиле во една пештера во близина на градот, каде што пастирите при невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата и околните ридови и Марија Богородица го родила својот Син првенец во јаслите на пештерата“, пишува Китевски во својата книга.



Во народното верување со Божиќ почнува периодот од 12 дена наречени некрстени или погани, кои траат до Водици (19 јануари). Овој период е исполнет со многу активности околу негативните демони, со разни магиски заштити. Дури на Водици, кога се крсти водата, се верува дека се неутрализираат нивните дејства.



Фото: Борче Поповски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот