X
 07.03.2021 Наука

Фотографирани ајкули што светат во темница

Научниците ги направиле првите фотографии од ајкула што свети во темница. Китефинската ајкула е првиот биолуминисцентен 'рбетник. Таа била откриена во близина на Нов Зеланд, се вели во истражување објавено од истражувачи од Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија, и Националниот институт за истражување на водата и атмосферата во Нов Зеланд.

Биолуминисценцијата претставува создавање видлива светлина од живи организми преку биохемиска реакција. Се проценува дека околу 57 од 540 познати видови ајкули ја имаат оваа способност, открива Џером Малфет, еден од истражувачите.

Истражувачите претпоставувале дека китефинската ајкула треба да биде способна за производство на светлина, но овој вид ајкули се тешки за снимање бидејќи живеат на длабочина од 200 до 900 метри под морската површина. Во рамките на истражувањето била откриена и биолуминисценција кај два други вида ајкули.



Китефинската ајкула била откриена случајно при рутинска процедура од страна на Националниот институт за истражување на водата и атмосферата во Нов Зеланд. Малфет бил поканет да учествува во работата на институтот и поминал 30 дена на брод снимајќи ги ајкулите. Тој успеал да направи фотографија од светлечката ајкула во сад во темна соба на бродот.

Светлината им помага на ајкулите да „се скријат“ бидејќи таа прави да изгледаат невидливи во однос на светлината што доаѓа од површината на водата, објаснува Малфет за Си-ен-ен. Ова ги заштитува ајкулите од поголеми предатори што пливаат под нив и им помага полесно да ловат.

Автор: Џек Гај
Извор: cnn.com
Фото: Принтскрин/Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука