X
 05.09.2017 Култура

Најпопуларна фотографија на интернет, а без заработка

фото
Фото: Thinkstock

Дури и да поминувате само неколку часа неделно на социјалните мрежи, веројатно барем еднаш сте ја забележале оваа фотографија објавена во милион различни верзии.

На фотографијата се наоѓа младо момче кое со својата девојка шета низ град, но истовремено гледа друга девојка, додека неговата девојка го гледа што прави.

Станува збор за фотографија што можете да ја пронајдете под илјадници различни наслови, од „растроен дечко“ до „маж гледа друга жена“. Фотографијата е доста популарна кај авторите на мемињата што овие денови ги преплавија социјалните мрежи.

И додека се прашувате што е финтата и зошто токму оваа фотографија е толку популарна, бидете сигурни дека не сте ни малку изненадени колку авторот на фотографијата.

Како настанала фотографијата?

Името на авторот на фотографијата е Антонио Гиљем, а овој 45-годишен човек од Барселона создава фотографии за компании што се занимаваат со продажба на „stock“ фотографии.

Поголемиот дел од времето соработувал со три исти модели, иако открива дека ја прекинал соработката со еден модел. Кон средината на 2015 година, понесен со успешната продажба, тој сакал да ја зголеми неговата понуда.

„Одлучивме малку да ризикуваме, па направивме фотографија што на шеговит и забавен начин се занимава со концептот на неверство во врските“, објаснува Гиљем и додава дека фотографирал во Гирона, идиличен град во Каталонија.

Екипата избрала една уличка и започнала со фотографирањето: „Беше тешко да се фати изразот на лицето, а да биде уверлив. Секогаш имаме одлична работна атмосфера, но овој пат некој од моделите постојано се смееше“.

Иако во текот на фотографирањето настанале повеќе фотографии од кои многу се појавиле на различни веб-страници, оваа фотографија беше најпривлечна и стана основа за многубројни мемиња што се раширија на социјалните мрежи.

Првото меме се појави кон крајот на февруари во една турска група на „Фејсбук“, посветена на прогресивниот рок. Потоа се појави на „Твитер“ и оттогаш е многу популарна.

„Никогаш не мислев дека некоја од моите фотографии може да биде толку популарна. До неодамна не ни знаев што е меме, а потоа моделите ми објаснија за што станува збор и што прават луѓето со нашите фотографии“, вели Гиљем.

Популарност од која нема заработка

Што се однесува на заработката, популарноста на „Твитер“ не значи многу во реалниот живот, ниту пак носи голема заработка.

„Нашите најуспешни фотографии се продаваат во пет или шест илјади примероци годишно, додека оваа фотографија е продадена само 700 пати“.

Овие резултати не се големо изненадување бидејќи корисниците на „Твитер“ не купуваат фотографии од „Шатерсток“, туку ги користат без дозвола.

Сепак, на Гиљем не му пречи бидејќи знае дека повеќето автори на мемиња тоа не го прават за заработка, и не планира судски да ги гони. Од друга страна, планира да ги тужи оние чија работа негативно ќе влијае врз него и неговите модели.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура