Ендрју Од, поранешен инженер на „Епл“, е обвинет за објавување доверливи информации во медиумите преку илјадници текстуални пораки, обидувајќи се да ги поткопа производите и функциите на „Епл“.
Кога поранешниот инженер Ендрју Од истрчал во тоалет за време на пауза, тој не го искористил времето да одговори на повикот на природата, туку да ги избрише апликациите за пораки на неговиот телефон.
Тие апликации можеби содржеле докази дека софтверски инженер им откривал информации на медиумите. Според „Њујорк пост“, од „Епл“ поднеле тужба против Од, кој работел во одделот одговорен за оперативниот систем „иОС“ на „Епл“ за „ајфон“. Иронично, поранешниот софтверски инженер користел „ајфон“ издаден од „Епл“ за работна употреба, за да испрати илјадници текстуални пораки до новинарите во „Вол стрит журнал“ и „информејшн“.
„Епл“ поднела тужба против Од во Врховниот суд на Калифорнија на 18 март, обвинувајќи го за протекување информации до медиумите, со намера да оштети одредени производи и карактеристики со кои има проблеми. Од уживал да биде во центарот на вниманието на медиумите. Од „Епл“ истакнале дека нивниот поранешен вработен се обидел да ја поткопа компанијата со неговата „суета“ и неговото „лично уживање во медиумското внимание“, за кои од „Епл“ сметаа дека играле значајна улога во неговите престапи.
На пример, во текот на четири месеци, Од испратил повеќе од 1.400 текстуални пораки до новинар на „Вол стрит журнал“ користејќи ја апликацијата за шифрирани пораки „Сигнал“. Во тужбата се наведува дека поранешниот вработен во тие пораки го нарекол новинарот „Хоумбој“. Треба да се напомене дека „Вол стрит журнал“ и „Њујорк пост“ се во сопственост на „Њуз корпорејшн“.
Во еден скриншот од текстот што Од го испратил до „Хоумбој“, кој се појавува во тужбата, посрамотениот поранешен вработен во „Епл“ напишал:
- Едвај чекам да избие хаос пред да се разбудат корпоративните луѓе на „Епл“.
Во тужбата се цитира и текст испратен од Од, кој вели:
-Ми се допаѓа да споделувам информации со пријател во „Вол стрит журнал“.
Во тужбата се наведува и дека повеќе од 10.000 пораки биле испратени од Од до новинар на „Информејшн“. Во судската пријава, исто така, се наведува дека Од „патувал низ континентот за да се сретне со новинарката“.
Минатата есен претпоставените на Од се посомневале дека тој објавува информации во медиумите, а кога се соочиле за тоа, тој постојано негирал. Тој, исто така, им рекол на своите шефови дека со себе го нема својот „ајфон“ издаден од „Епл“. Но, откако го кажал тоа, Од смислил трик за да ги отстрани доказите од неговиот телефон.
Од „Епл“ му понудиле на Од шанса да избегне судски спор доколку соработува со истрагата и ако ѝ открие на компанијата што сè им откривал на медиумите. Меѓутоа, Од одбил да соработува, што довело до тоа „Епл“ да поведе тужба со која бара неодредена отштета од отпуштениот софтверски инженер.
Некои од проектите што Од ги открил во медиумите вклучувале информации за апликацијата „Журнал ајфон“ и „Вижн про“. Тој бил ангажиран во 2016 година, а отпуштен во 2023 година.
Извор: preporucamo.com
Фото: Pexels