X
 07.04.2026 Живот

УКИМ како втор дом: патот на Дарко Данев од студент до кандидат за ректор

Професорот Дарко Данев од Машинскиот факултет во Скопје е кандидат за ректор на УКИМ. Неговото мото со кое ја започнува предизборната трка гласи: „Од УКИМ-набљудувач до УКИМ-создавач“.

Дарко Данев како професор, како поранешен студент и како човек во приватниот живот

УКИМ е негов втор дом, во него ги поминал додипломските, постдипломските и докторските студии и ги искачил сите академски скалила, од асистент до редовен професор. Два пати бил избиран за декан на Машинскиот факултет, а студентите го паметат по тоа што во неговиот мандат беа воведени факултетски стипендии за најдобрите студенти, беа отворени и лаборатории во кои тие заедно со своите асистенти и професори работат на конкретни, реални проекти за компаниите и на тој начин слободните работни места во нив стануваат поблиски и подостапни за студентите. Го паметат и по неговите инспиративни говори на масовните промоции на дипломци и магистри организирани на платото на МФС, проследени со супер журки, познати бендови и диџеи и незаборавна дружба на сите генерации студенти заедно со целиот наставно-научен кадар.



Запрашан за неговите студентски денови, професорот Дарко Данев вели: „Тоа беа години на интензивна дружба и учење со колегите од кои се изродија трајни пријателства. Поминувавме многу време заедно со тетратките и задачите, набавуваме книги од странство бидејќи интернет и онлајн изданија во тоа време немавме. И денес со дел од колегите од студии генерациски редовно се сретнуваме, соработуваме и дружиме, понекогаш дури и заедно со нашите семејства. Студентските денови речиси целосно ги поминувавме на факултетот, во постојана комуникација бевме со асистентите и професорите, но не пропуштавме навечер да излегуваме, особено на викенд-забавите кои се организираа низ Скопје. Излегувавме со девојки од други факултети бидејќи на техничките науки во тоа време се запишуваа мал број девојчиња. 

Во мојата генерација на прсти можеа да се избројат студентките на МФС. За среќа, денес состојбата е значително подобрена и половата структура на факултетот е речиси изедначена. Со тоа се разбива митот дека машинството е машка работа и станува јасно дека тоа е резултат на умствен труд, логика, креативност и знаење, како впрочем и секоја наука.“



Дома, во семејството и меѓу другарите, Дарко Данев е сопруг на Ана и татко на Никола и Виктор. Секој од четирите члена во семејството има своја посебна и различна од другите развојна траекторија. Дарко е единствениот машинец, Ана е правник (воедно и професорка по право), Никола е доктор по генетика, а Виктор студира компјутерски науки. Од најмали нозе ги стимулира своите синови самостојно да носат одлуки, да бидат одговорни за своите постапки и да веруваат во себе. Викендите ги поминува со најблиските пријатели кои ги смета за дел од поширокото семејство.



Развојниот пат на професорот Данев

Целото свое формално образование проф. Дарко Данев го поминал на МФС. Но, дури и во време кога студентската размена не била толку честа и вообичаена како денес, остварувал студиски престои и научна работа и надвор од Македонија. Така, уште во 1991 година престојувал неколку месеци во Охајо, САД, потоа во 1998 година се надградувал во „Волво“ во Шведска, бил на усовршување на употребата на нова софтверска програма за потребите на машинството, која по неколку години им ја презентирал на студенти на Машинскиот факултет на државниот универзитет во Флорида, каде што ја подготвувал својата докторска дисертација во текот на 2003 и 2004 година. Остварил студиски престои во универзитетски и научни установи и во Германија, Белгија и Јапонија.

Силно верува дека мобилноста и студиските престои на странски универзитети се неопходни како за студентите така и за помладиот наставен кадар. Тие резултираат со размена на знаење, искуства, идеи, создавање мрежи на контакти и соработка, отворање на УКИМ кон светот и примена на најдобрите практики.



Зошто наука наспроти индустрија и приватен сектор и зошто Македонија наспроти Европа и САД

Машинскиот факултет при Државниот универзитет во Флорида во 2004 година му понудил договор за работа како доцент веднаш по докторирањето. Данев ја одбил понудата и се вратил на својот МФС во Македонија затоа што сметал дека има обврска да се врати онаму каде што го стекнал целото свое знаење. Одлучил да инвестира во знаењето на идните генерации, како што претходните инвестирале во неговото. И тоа навистина го прави повеќе од две децении. Има тука и личен момент, се разбира. „Домот е онаму каде што е семејството, каде што се пријателите, клупите и игралиштата на кои се поминати детството и младоста“. Тоа е лично чувство, само негово и не го генерализира бидејќи има целосно разбирање, па и поддршка за секој млад човек кој одлучил да направи поинаков избор.

Пред да биде избран за асистент на МФС работел како инженер во приватна компанија, а потоа во Сојузот на возачи на Македонија и веќе на 29-годишна возраст раководел со истиот Сојуз кој под себе имал 26 здруженија на возачи низ целата земја со свои 32 станици за технички преглед на возила. Возилата му се предмет на научен и стручен интерес. Не го интересираат само различните модели на возила, нивните перформанси, комфор и изглед, напротив. Ја проучува конструкцијата на возилата, машината и нејзините составни делови, вештачката интелигенција во нивното создавање и употреба, како и регулативата за одобрување на возилата. Одлучил дека истражувањата што ги има правено во оваа област можат да бидат многу покорисни ако се вградат во теорија и се пренесат на студентите од придонесот што тој би го дал со директно работење во индустријата.



Програмски цели за студентите


Професорот Данев како кандидат за ректор на УКИМ во својата Програма посветува посебен дел за студентите наречен „Студентот во центарот: од шалтер до партнер“.
Еве кои се програмските цели од овој дел: 1) „нула шалтери“, односно целосна дигитализација; 2) отворање платени работни места за студенти: помош во административните работи во Ректоратот; учество во организација на факултетските и универзитетските настани; работа во библиотеките и читалниците; менторирање на помлади колеги и сл.; 3) воведување универзитетски стипендии за најдобрите студенти врз основа на интерно тестирање; 4) формирање и поддршка на уметнички и спортски студентски клубови на УКИМ; 5) целосна транспарентност во распределбата на студентските престои во странство организирани од УКИМ; 6) „студентско вето“ или задолжително позитивно мислење од Студентското собрание за одлуки кои се однесуваат на клучните прашања од студентскиот стандард; 7) организирани студентски бифеа со цени соодветни на студентскиот стандард и друго.

Неговата порака до сите професори и соработници на УКИМ е силна - студентите се подмладокот кој ќе ја гради оваа држава, ние сме тука за нив, за утре да не градат туѓи држави по светот!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот