Со тајно гласање денеска проф. д-р Сашо Коруновски, редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, повторно е избран за ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со мандат од три години.
Од двајца утврдени кандидати: проф. д-р Тале Герамитчиоски и проф. д-р Сашо Коруновски, универзитетска изборна комисија по сумирање на резултатите констатира дека за ректор е избран проф. д-р Сашо Коруновски. Ректор се избира од редот на редовните професори на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците, за време од три години, со право на уште еден избор. Право на глас за избор на ректор имаа 270 члена на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците на УКЛО.
УКЛО е првиот универзитет во државата што реализира избор на ректор во согласност со новиот Закон за високо образование и тоа на непосредни, тајни и слободни избори.
Мандатот на ректорот Коруновски почнува на 1 октомври 2019 година.
- Задоволство е да кажам дека нашиот универзитет прв го почна имплементирањето на новото законско решение, да се избира ректор на непосредни и тајни избори од сите членови на академската заедница. Навистина тоа е едно драгоцено искуство низ кое сите поминуваме. Придобивките од тоа искуство се надевам дека сите ќе ги споделуваме понатаму - изјави за медиумите реизбраниот ректор на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.
- Можеби ваквиот нов начин на партиципирање на демократијата и изјаснувањето беше сфатен како можност и, се разбира, потреба на академската заедница да биде дел од тој процес. И со задоволство можам да кажам дека од вкупно 270 члена на нашата академска заедница во процесот учествувале 259 професори, еден исклучително голем одѕив. Тоа значи дека нашата академска заедница е подготвена за новото законско решение и желна да ги изрази својот став и своето мислење. Би искажал благодарност до сите што гласаа за мојата визија, за мојата програма, но и до сите оние што гласаа за визијата и за програмата на другиот кандидат. Се работи за заедничка визија за подоброто утре на нашиот универзитет. Но, важно е дека сите сме мобилизирани да дадеме свое мислење: кои се концептите и идниот развој на нашиот универзитет. Би искажал благодарност и до универзитетската изборна комисија, до изборните комисии на сите единици за еден професионален пристап и еден беспрекорно изведен процес на избори. Ние сме столбот на едно општество и се разбира треба од нас да се учи како се практицира еден изборен процес - додаде тој.
- Во овој еден и пол месец слушнав многу мислења, многу идеи и настапивме со една програма која не е документ што ќе се печати и ќе биде едно затворено поглавје. Напротив, многу работи во насока на подобрување кои стигнаа од колегите во текот на разговорите и споделување на визиите со нив ќе бидат имплементирани и понатаму во идното работење. Затоа ќе продолжам со средби со академскиот кадар, бидејќи средбите не беа само кампања, напротив, средбите покажуваат дека овие врати секогаш треба да се отворени за добрите идеи, за добрите мислења, затоа што тоа е единствениот начин за практикување на демократијата, демократијата во одлучувањето. Кога одлуките ќе ги донесуваме врз основа на повеќе информации со споделување повеќе мислења, тие ќе бидат во насока на вистински развој, зашто тогаш луѓето ќе се препознаат во нив и ќе бидат подготвени да ги имплементираат.
Тоа на некој начин значи транспарентност во работата, суштински елемент за сите институции во нашата држава. Мора да бидеме транспарентни и да бидеме одговорни пред себе, а и пред оние што не гласале. Зборувам за сите што учествувале во процесот, но и пред државата која вложува во овој универзитет како јавен универзитет. И на крајот, ќе кажам дека најголемата нашата одговорност е пред студентите. Ако направиме спој меѓу академскиот кадар и студентите, тогаш иднината на нашата држава ќе има перспектива - заврши Коруновски.