Новата програма за првачињата што ја подготви Министерството за образование и наука ќе оди како пилот-проект во само десетина основни училишта, а и учениците од второ и од трето одделение ќе учат по старата програма.
Единствена новина за новата учебна година е тоа што учениците од прво до трето ќе имаат помалку часови.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска изјави дека новите програми за второ и за трето се надоврзување на промените во прво одделение.
- Прво одделение го најавуваме како пилот со цел да ги провериме предностите и слабостите, а потоа во меѓувреме ќе може и програмата за прво одделение да се простудира пред да влезе целосно во сите училишта. Секако, во тој поглед ќе можат и во текот на наредната година да се прават одредени измени и за второ и за трето одделение – изјави Дескоска.
Фото: Колектиф Прес
Во следната учебна година останува истата наставна програма за второ и за трето, но и за прво одделение во оние училишта во кои нема да тече пилот-проектот.
- За второ и за трето останува старата програма, со тоа што дадовме насоки во Бирото за образование да се направат одредени измени во делот на фондот на часови, имајќи предвид дека законската рамка што ја предложивме и ја ставивме на јавна дебата бара намалување на фондот на часови во основното образование - рече Дескоска.