X
 07.06.2019 Образование

СОНК утре ќе протестира за повисоки плати

Синдикатот за образование и наука и култура ги повикува сите засегнати наставници и вработени во оваа дејност утре да се охрабрат и да излезат на мирен протест за да го кренат својот глас. Протестот е закажан за 16 часот пред порта „Македонија“, а во 17 часот ќе продолжи пред Владата.

На денешната прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков, категорично изјави дека одлуката на Владата 8 јуни да биде работен ден за јавната администрација и за училиштата е директна опструкција против СОНК и најавениот протест.
- Носењето одлука за работен ден за сите во јавната администрација, вклучувајќи ги и градинките, културните установи, научните установи, за нас претставува смислена одлука со која Владата се обидува да го спречи најавениот јавен протест. Но, колку и да се обидуваат да го сторат тоа, протестот, сепак, ќе се одржи - нагласи Неделков.

Кои се најважните барања на СОНК?

- Зголемување на платите за 25 проценти во дејностите што ги покрива СОНК, детските градинки, основното, средното, високото образование, како и културата.

- Потпишување колективни договори во дејноста - детска заштита, високо образование и наука и култура и измена и дополнување за основно и средно образование.

- Подигнување на социјалниот дијалог на највисоко ниво, законот за наставници и стручни соработници. Мора да бидеме вклучени во периодот на подготовка на законите, на јавни расправи на овие закони.

- Секако СОНК никогаш нема да се согласи, како и Конфедерацијата на слободни синдикати, да се прават реформи во нашата дејност без работниците. Многу најавуваните реформи на штета на работниците СОНК никогаш нема да ги прифати. Доколку во најскоро време Владата многу посериозно не пристапи кон подобрување на овие дејности, многу брзо ќе донесеме одлука за преминување на генерален штрајк - рече Неделков.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование