X
 07.07.2020 Образование

Американка за седум дена решила математички проблем стар 50 години

Американка решила математички проблем стар 50 години, и тоа за помалку од една недела.

Лиса Пичирило работела на нејзиниот докторат на Универзитетот во Тексас кога се зафатила со јазолот на Конвеј.

Додека разговарала со универзитетскиот професор Камерон Гордон, кој исто така е математичар, таа ги променила своите пресметки.

- Почна да вика: Зошто не си возбудена за ова? Полуде - раскажува Пичирило.


Проблемот со јазолот го поставил британскиот математичар Џон Хортон Конвеј во 1970 година, но Пичирило за оваа загатка првпат слушнала на семинар во 2018 година.

- Мислам дека таа не беше свесна колку е стар и славен овој проблем - истакнува професорот Гордон.


Трудот на Пичирило е објавен на почетокот од оваа година во списанието „Математички анали“ и откако го решила тој проблем, станала вонреден професор на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).

- Проблемот на јазолот на Конвеј остана нерешен долго време, а многу брилијантни математичари се занимавале со него и не успеале да го решат - вели Хавиер Арамајон, истражувач од Автономниот универзитет во Мадрид и член на Институтот за математички науки во Шпанија.


Што е математички јазол?

Математичките јазли се предмет на многу популарна математичка гранка по име топологија. Топологијата проучува како се однесуваат предметите додека се деформираат, свиткуваат и развлекуваат, но така што не пукаат.

Теоријата на јазли е една од гранките на топологијата.

За разлика од повеќето примери од реалниот живот, во математичкиот јазол неговите краеви се споени, па дури и најпростиот јазол е со прстенест облик, и тој не може да се одврзе.

Но, тие стануваат сè посложени како што јазолот добива сè повеќе точки на кои се вкрстува со самиот себе.

- Интуитивната идеја е да се замисли конец. Теоријата на јазлите ги проучува деформациите што можеме да ги направиме на тој конец. Со други зборови, гледаме како можеме да го свиткаме, развлечеме... Она што не смееме да го направиме е да го пресечеме. Тоа е забрането - вели Маританија Силверо од Математичкиот институт на Универзитетот во Севилја.


Топологијата има важна примена во неколку научни области и научниците ја користат за проучување разновидни теми, како што се однесување на економските пазари и облици на молекули на ДНК.

Јазолот на Конвеј
Фото: Wikipedia

Јазолот на Конвеј

Човекот кој стои зад проблемот со јазолот, Џон Хортон Конвеј, почина во април од Ковид-19, на 82-годишна возраст.

Академикот роден во Ливерпул беше продуктивен и харизматичен математичар кој работеше на престижни универзитети како „Кембриџ“ и „Принстон“. Го опишуваа како Архимед, Мик Џегер, Салвадор Дали и Ричард Фајнман во едно лице.

Но, како една Пичирило успеала да го реши неговиот славен проблем со јазолот толку брзо?

Таа го расплеткала јазолот, кој има 11 вкрстувања, правејќи слична верзија позната како братски јазол, која се покажала како помалку сложена за проучување.

Работејќи на тој јазол и решавајќи го, таа можела да ги примени своите наоди на јазолот на Конвеј.

Пичирило е родена во Мејн, најруралната држава во САД, а студирала математика на Бостонскиот колеџ. Во 2013 година, како студентка, добила грант од Националната научна фондација за понатамошно студирање.

- Кога почна, немаше никаква основа од теоријата на јазлите и никакво математичко знаење освен линеарна алгебра. Но, за помалку од една недела направи пресметки кои на многу дипломци им задаваат главоболки - истакнува Елкисенда Григзби, една од професорките на Пичирило.


Успешното „одврзување“ на јазолот направено од страна на Лиса би можело да инспирира повеќе жени да се одлучат за математика како животен повик, каде што уште на почетокот има голем родов јаз.

Статистиката на американското министерство за труд покажува дека жените претставуваат вкупно 26 отсто од оние што се занимаваат со математички и компјутерски науки во таа земја.

Извор и насловна фотографија: Би-би-си на српски
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование